Демократската унија за интеграција најостро ја осудува одлуката на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија за избор на заменик-директор, донесена спротивно на законските одредби и професионалните стандарди.
Станува збор за сериозен пример на политичко заробување на јавниот сервис, институција која им припаѓа на сите граѓани и се финансира со јавни средства. Изборот на лице кое не ги исполнува законските услови за работно и раководно искуство претставува директно кршење на законите и уште еден удар врз професионалноста и независноста на МРТ.
Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за административни службеници недвосмислено пропишуваат дека релевантното работно искуство се стекнува по завршување на соодветното образование, на работни места за кои се бара тоа ниво на квалификација. Истите закони предвидуваат најмалку осум години професионално искуство и четири години работно искуство на раководна функција. Во конкретниот случај, овие законски критериуми очигледно се занемарени.
Лицето избрано за заменик-директор со гласовите на членовите на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН во Програмскиот совет, првиот испит на високообразовна институција го положило во 2020 година, а дипломирало во 2024 година. Неговото претходно работно искуство е во трговија со текстил, без ниту еден ден работен стаж во новинарството.
ДУИ смета дека ова претставува опасен преседан и сериозен сигнал дека јавниот сервис се става под директна политичка контрола, наместо да ја исполнува својата законска улога како независен и професионален медиум во служба на јавниот интерес.
Јавноста заслужува одговор на едно едноставно прашање: како е можно кандидат кој пред само еден месец не ги исполнувал законските услови, поради што конкурсот бил поништен, денес одеднаш да ги исполнува истите тие услови?
Бараме од Државната комисија за спречување на корупцијата итно да отвори постапка и да го поништи ова незаконско именување. Воедно, го повикуваме Јавното обвинителство без одлагање да ја испита евентуалната кривична одговорност на членовите на Програмскиот совет кои го донеле ова решение.
Апелираме и до Здружението на новинарите на Македонија, Советот за етика во медиумите, како и до меѓународната заедница, да реагираат на ова очигледно нарушување на независноста на јавниот радиодифузен сервис.
МРТ мора да остане јавен сервис на граѓаните, а не инструмент на која било политичка партија, се наведува во реакцијата на ДУИ.


