ДУИ за реториката на премиерот: Последиците нема да ги сноси тој, туку државата

Сподели

Демократската унија за интеграција со сериозна загриженост ја следи сѐ почестата злоупотреба на јавниот говор од страна на Претседателот на Владата, г. Христијан Мицкоски.

Последната негова изјава не е само недолична и неумесна, туку длабоко вознемирувачка , со опасни алузии кои допираат до верски и етнички линии.
Реториката на премиерот не ги погодува само неговите политички противници, таа создава последици кои ќе ги сноси државата и сите нејзини граѓани.

Ако премиерот има намера да поттикнува поделби и конфликти, ДУИ нема проактивно да придонесува во тоа, но нема ни да остане без реакција.

Ќе реагираме секогаш кога се нарушува темелот на соживотот и единството на државата.

Како сериозна, државотворна политичка партија, ние не сме одговорни за политичките позиции на други, но не можеме да молчиме кога најголемата политичка партија во мнозинството директно ја поткопува унитарноста и стабилноста на државата.

ДУИ не очекува премиерот да се согласи со нас – ние сме различни партии со различни визии. Но очекуваме барем минимално чувство за државна одговорност. Повиците со „шајки во раце и нозе“ се не само недолични, туку опасни и недостојни за позицијата на Претседател на Влада.

Зрелите демократии не се градат со клетви и навреди, туку со институции, одговорност и дијалог. Колку побрзо ова го разбере актуелниот премиер, толку помали ќе бидат штетите што тој секојдневно ѝ ги нанесува на државата.

ДУИ останува посветена на европската иднина на државата, на унапредување на соживотот и на заштита на достоинството на секој граѓанин, без оглед на етничката припадност.

соопштение, ДУИ