ДУИ: ВЛЕН ја малтретира дијаспората, ова нечовечко и понижувачко однесување мора да престане

Сподели:

Снимките од граничниот премин Табановце, на кои се гледаат иселеници принудени да чекаат во тешки услови и на високи температури, се неприфатливи и загрижувачки. Нашата дијаспора не заслужува малтретирање, понижувачко чекање и третман со кој се нарушува човековото достоинство. Ова се луѓето кои со децении ги одржуваат своите семејства и даваат исклучително значаен придонес за економијата на земјата. Наместо институциите да им обезбедат услови за брзо и достоинствено минување, тие се соочуваат со редици, чекање и процедури кои во екот на летната сезона се претвораат во вистинско малтретирање, реагираат од ДУИ.

Никој не го оспорува спроведувањето на законот, ниту плаќањето на законски изречените казни. Но, спроведувањето на законот не смее и не може да се претвори во нечовечки третман. Институциите имаат обврска да се организираат така што секоја постапка ќе се спроведува ефикасно и со целосно почитување на граѓаните.

ВЛЕН е дел од оваа Влада и сноси одговорност за начинот на кој граѓаните се третираат во државните институции. Молкот пред снимките од Табановце е непростлив. Иселеникот не е товар и не е непријател на државата. Тој е граѓанин кој заслужува почит и достоинство.

Бараме од Министерството за внатрешни работи и од надлежните институции веднаш да преземат мерки за да се стави крај на ваквиот третман. Дијаспората заслужува почит, а не малтретирање!

Сподели: