Вести Македонија Став Ударни вести

ДВ: Името ги вжештило телефонските линии до Атина и Скопје

Сподели:

Се мобилизира европската и американската дипломатија, се прават обиди „да се зачува остварениот капитал од досегашните разговори, за да не спласне довербата меѓу соговорниците во процесот“, велат за ДВ дипломатски извори.

Бројни разговори на европски лидери и дипломати биле остварени деновиве со властите во Атина и Скопје, откако без резултат остана последниот предлог- пакет за кој се очекуваше дека ќе донесе компромисно решение на спортот за името. Како што дознаваме, оваа дипломатска офанзива имала за цел да ги врати на маса сите точки кои довеле до високо приближување на ставовите меѓу Македонија и Грција, речиси на чекор до решение. Како што велат дипломатски извори за ДВ, „не може да се негуваат посебни очекувања од претстојната рунда разговори во Њујорк на тројката Димитров – Коцијас – Нимиц, ако двете страни повторно се вратат на позицијата од која стартуваа пред неколку месеци, што по сите овие месеци би значело и ‘позиција под тоа’“.

За таа цел, во деновите пред њујоршката средба се мобилизира европската и американската дипломатија, се прават обиди „да се зачува остварениот капитал од досегашните разговори, за да не спласне довербата меѓу соговорниците во процесот“.

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, кој од вчера е во Вашингтон, веќе се сретна со американскиот државен секретар Мајк Помпео, но индиректно потврди дека Атина не размислува за последниот предлог – Република Илинденска Македонија.

„Ние ја поддржуваме потребата да прифатиме едно од имињата што ги предложи Нимиц. Не се согласуваме, како што знаете, со петото име од неговите предлози („Република Македонија (Скопје)“ -н.з.), и одиме напред кон усвојување на еден стратегиски план за пријателска соработка со оваа земја во иднина, со нејзиното ново име“, рече Коѕијас по средбата.

Одговарајќи на новинарско прашање, шефот на грчката дипломатија изјави дека за прашањето со името не разговарал со американскиот државен секретар, туку тоа било тема на средбите со помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел. Во однос на евентуални притисоци врз Атина по прашањето за името, Коѕијас рече дека „никој не ја тера Грција на ништо, бидејќи таа ја има иницијативата за постапките, и сите на позитивен начин следат како една земја со активна надворешна политика промовира решенија“.

Денеска тој ќе се сретне и со советникот за национална безбедност на претседателот на САД, Џон Болтон, утре во Њујорк со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и ќе има и работен ручек со претседателот на Генералното собрание на ОН, Мирослав Лајчак. Во четврток и петок повторно ќе седне на иста маса со македонскиот колега Никола Димитров и медијаторот Метју Нимиц.

DW

Сподели: