Вести Македонија Ударни вести

Двајца пратеници на „Независни Грци“ се спротивставија на Каменос

Сподели:

Со различни позиции од оние на Панос Каменос, излегоа двајца пратеници од Независни Грци во однос на договорот од Преспа. Танасис Папахристопулос и Костас Зурарис во одделни интервјуа за грчките медиуми открија дека не се на иста линија со нивниот претседател, кој не го прифаќа решението меѓу Македонија и Грција и најави дека „ќе направи сѐ, договорот да не дојде во грчкиот парламент“, јави дописничката на МИА од Атина.

Папахристопулос смета дека договорот задоцнил и требало да биде потпишан пред повеќе години, а Зурарис иако е против, смета дека Независни Грци нема да биде потребно да ја турнат владата, бидејќи за ратификација ќе има доволен број пратеници од другите партии.

Панос Каменос во периодот од потпишувањето на Договорот меѓу Македонија и Грција на 17 јуни, излезе со неколку различни предлози. Еден период бараше ратификација со зголемено парламентарно мнозинство, односно гласање со минимум 180, наместо 151 пратеник, потоа велеше дека за Договорот од Преспа треба да решат граѓаните, на избори или на референдум, а во понеделникот порача дека Независни Грци ќе се повлечат од владата пред договорот да дојде за ратификација во парламентот.

Сподели: