Двете години политичка криза ја стопија владата на Никола Груевски

Сподели

vlada-2014-god-860x680

Министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески денеска си поднесе оставка на функцијата.

Ставрески е петтиот министер од најблиското опкружување на поранешниот премиер Никола Груевски и од неговата влада, кој во овие две години, колку што трае политичката криза, си поднел оставка на функцијата во владата.

Досега, покрај Ставрески, оставки си поднесоа премиерот Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и Иво Ивановски, кој беше министер за информатичко општество и администрација.

Иако не беше дел од владиниот кабинет, меѓу оставките што силно одекнаа во јавноста беше и онаа на поранешниот прв човек на Упрвата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.

Освен Ивановски, сите други беа главни актери во прислушуваните разговори што минатата година ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Груевски, Јанкулоска, Ставрески и Мијалков во моментов се дел од осомничените во истражните и во предистражните постапки што ги води Специјалното јавно обвинителство.

Од минатиот состав на владата ги нема ни поранешните министри од ДУИ кои си заминаа по мини-реконструкцијата што си ја направи партијата на Ахмети.

Хронологија на оставките на Груевски и на неговите најблиски и најекспонирани соработници.

12 мај 2015 – Оставки си поднесоа Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков и Миле Јанакиески. Нивните оставки се случија само два дена по настаните во Диво Насеље, Кумановско.

15 септември 2015 – Оставка си поднесе министерот за инофрматичко општество и администрација, Иво Ивановски. Тој замина во Софија, каде стана дел од тимот на компанијата сопственост на мексиканскиот телекомукациски магнат Карлос Слим.

15 јануари 2016 – Премиерот Никола Груевски со писмо до претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, си поднесе оставка на функцијата. Ова беше дел од Договорот од Пржино, според кој 100 дена пред изборите Груевски требаше да поднесе оставка.

14 јуни 2016 – Министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески си поднесе оставка поради здравствени причини.

Двете години политичка криза ја стопија владата на Никола Груевски