Вести Став

DW: Локалната власт – жртва на блокадите на ВМРО ДПМНЕ!

Сподели:

Хаосот во процесот за формирање на централната власт се преслика и на локално ниво. Без политичка влада и нефункционални општини, Македонија е парализирана држава, предупредуваат експертите, пишува Дојче веле.

Мандатот на локалната власт истече, Македонија остана без градоначалници. Органите на локалната самоуправа, градоначалниците и советите на општините од денеска се нефункционални.Немаат какви било овластувања да ги вршат своите надлежности. Не може да носат одлуки, да потпишуваат овластувања, ниту да функционираат на редовен начин. Блокадите и хаосот во процесот за формирање на централната власт се пресликаа и на локално ниво. Целата држава сега буквално е парализирана. Состојбата ескалира и покрај бројните апели дека без политички договор ситуацијата ќе стане сериозна. Уставниот суд се прогласи за ненадлежен и ја префрли топката во Парламентот. Решението е сега кај партиите кои мора да се договорат, но прашањето е како? Новото мнозинство бара да се формира нова влада, па да се одржат локални избори. Власта во заминување пак бара итни локални избори и со сите сили го блокира патот на мнозинството. Експертите се загрижени. Предупредуваат дека граѓаните плаќаат превисока цена:

„Виновни се генерално сите, а посебно ВМРО ДПМНЕ, затоа што наместо да водат сметка за државата, во Собранието работеа на купување време. Уште кога го конституираа Собранието требаше да водат сметка. Видовме како Трајко Вељановски, кој е најголемиот виновник, претседаваше со седницата и не оставаше простор за ништо освен да се купува време. Од друга страна и СДСМ беше оптоварен со тоа, така што сите генерално носат вина. А знаеја дека ќе дојде денот и сега што гледаме, одеднаш сите се душегрижници, а тоа најмалку треба да се прават бидејќи тие ја носат најголемата вина“, коментира политичкиот аналитичар Јове Кекеновски.

Различни гледишта

За распишување на локалните избори според СДСМ, неопходно е претседателот Ѓорѓе Иванов да го даде мандатот за состав на нова влада, а потоа законски да се определи датумот. Од ВМРО ДПМНЕ пак бараат итно распишување на локалните избори како што велат, во интерес на граѓаните и предложија неколку датуми за нивно одржување. Од оваа партија сметаат дека СДСМ непринципиелно ја условува локалната власт со доделувањето на мандатот поради страв од соочување со народот. Социјалдемократите пак тврдат дека се конструктивни и предупредуваат дека локална власт ќе имаше доколку ВМРО ДПМНЕ не ги кочеше процесите.

„Ова што се случува е не само политички лицемерно туку дури и повеќе од тоа. Дури гледаме дека се лицитира со датуми, што е несериозно. Во сериозна држава овие работи се решаваат на време. Овие прашања треба да бидат приоритет, а дури потоа партиските прашања и интереси. Ако тие мислеа нешто за државата, тогаш ова немаше да се случи. Сепак се надевам дека деновиве ќе падне договор и ќе се изгласаат законски измени за решение на проблемот“, коментира Кекеновски.

Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi (picture-alliance/AA/B. Ademi) Спикерот Талат Џафери свика координација во врска со локалните избори

Координација кај претседателот на Парламентот

Единственото решение за мандатот на локалната власт сега е во Парламентот, кој не заседавал по изборот на Талат Џафери за претседател и крвавите настани од 27 април. Според  процедурата треба да се закаже седница на која би се изгласале измени на изборниот законик за да може да се закаже терминот за одржување на локалните избори. Во таа насока е и координацијата која за денеска напладне ја закажа спикерот Џафери. Сепак, според информациите што доцна синоќа ги пренесоа дел од провладините медиуми, ВМРО ДПМНЕ решила да не присуствува на координацијата кај Џафери, кого го сметаат за пратеник кој во незаконска постапка бил избран за претседател.

Ваквиот развој само дополнително ги компликува состојбите, кои на терен не се нималку едноставни и без решение водат кон колапс. Во прашање се не само општинските служби, совети и јавните претпријатија, туку и образовните институции кои се под директна капа на општините:

„Ќе бидеме загрозени како вработени во јавниот сектор кои што директно егзистираме односно земаме плата од буџетот. Ќе имаме проблем бидејќи блок дотациите се доставуваат од државата, но ги потпишува градоначалникот. Не е сеедно воопшто, но се надеваме дека ќе се најде соломонско решение за да не дојдеме во ситуација дел од јавниот сектор, а особено образованието и детската заштита да не може да земе плата“, реагира Јаким Неделков, претседател на синдикатот за образование и наука.

Решението, вели тој, е итно потребно бидејќи во спротивно се можни и социјални немири:

„Не е сеедно воопшто, во секој случај не е наивна работата и може да има последици и социјални немири. До денеска ќе завршат платите за април кои ќе се поделат деновиве, но за мај ќе биде проблем ако не се најде решение. Ако нема овластување, ќе нема кој да ги потпише налозите и тогаш ќе имаме социјални немири“, предупредува Неделков.

Какви ќе бидат последиците предупредија и од ЗЕЛС, Заедницата на единиците на локалната самоуправа. Управниот одбор на оваа институција на последниот состанок посочи дека нема друга алтернатива освен законските измени што треба да се донесат во Парламентот.

Сподели: