Вести Свет Ударни вести

DW: Нови правила за влез во Германија од корона-ризичните подрачја

Сподели:

 

Од 8.ноември во Германија важат нови правила за карантин за патниците од корона-ризичните подрачја, во кои се вбројува и Северна Македонија. Пред влез во државата задолжително е пополнување формулар на интернет, соопштува Дојче веле.

Првенствено кај исклучоците за задолжителен карантин можни се регионални отстапувања. Засегнати се во прва линија туристите кои доаѓаат во Германија. За оние кои патуваат поради работа или доаѓаат во шопинг по правило се предвидени исклучоци.

На листата на корона-ризични подрачја на Институтот Роберт Кох се речиси сите држави кои граничат со Германија, а на неа се и балканските земји, како Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, БиХ.

Од 8 ноември за сите кои доаѓаат од корона-ризичните подрачја важи задолжителен карантин од десет дена. Тој може да биде скратен доколку засегнатото лице е во можност да приложи негативен тест на коронавирус, но најрано од петтиот ден по влезот во Германија. Досега задолжителниот карантин беше 14 дена.

Регулативата не се однесува на лица на пропатување низ Германија, кои имаат обврска да ја напуштат земјата по најбрз пат. Со правилото за задолжителен карантин не се опфатени и лицата кои во рамките на граничниот сообраќај со соседните држави во ризично подрачје престојувале помалку од 24 часа. 

Подолго задржување без карантин им е дозволено и на луѓето кои работат во Германија, како и лекари, негувателски и медицински персонал. Исклучокот важи и за посети на блиски роднини, како и на брачни другари кои не припаѓаат на исто домаќинство.

Од правилата за изолација се изземени и лицата кои вршат транспорт по патишта, железница, со брод или авион, како и соработници на дипломатски и конзуларни служби, пратеници и владини претставници.

Но, патниците од утре не можат едноставно да влезат во Германија, туку претходно мора да се пријават преку интернет на следната адреса: www.einreiseanmeldung.de .

Новата веб-алатка го заменува досегашниот формулар за влез во земјата во хартиена форма. „Дигитализацијата на влезниот формулар значи растоварување за здравствените заводи. Тие на брз и сигурен начин добиваат информации кој доаѓа од корона-ризично подрачје и следователно мора да замине во карантин”, соопшти сојузниот министер за здравство Јенс Шпан. Обврска да се пријави има секој кој во претходните десет дена допатувал од корона-ризично подрачје.

Дојче веле

Сподели: