DW: Трпеливиот Прибе на крај на баладата – Арсим ЗЕКОЛИ

Сподели

Платформата Прибе се нуди како заеднички именител за хируршкиот рез на кој ќе мора да се подложиме. Во Платформата на Прибе ќе ја разбереме причината за манипулативната злоупотреба на Платформите, пишува Арсим Зеколи

Mazedonien Arsim Zekolli (DW/K. Blazevska)

 

Сред сета какофонија на политички имиња, партиски кратенки, платформи, обвинувања, збрки и спин-галами, една единствена реченица беше доволна за да ја разјасни смислата и логиката на хаосот во кој се наоѓаме. Куса и едноставно срочена, реченицата допира во сржта на проблемот, потсетувајќи ја јавноста дека нашиот „гнев треба да биде вперен во друг правец: кон длабоката, тајна држава која ја има искористено темата на корупцијата за расчистување сметки со нејзините непријатели, ги подрива основните права и ја институционализира злокобната врска помеѓу судството, тајната полиција и антикорупциските единици”. Во секој поглед, не верувам дека е можна поелегантна и поотрезителна дескрипција на состојбата кај нас.

Со таа разлика што цитираната реченица не се однесува на нас, туку е дел од коментарот на угледниот лондонски Тајмс за состојбата во Романија и тамошната побуна против обидите за институционализација на криминалот и корупцијата на власта, при што „борбата против корупцијата се смета како стратешка цел за задоволување на критичарите во ЕУ и САД. За возврат, одговорот од ЕУ е во форма на „искажување солидарност преку затворање очи.” Како последица на таквиот приод од ЕУ, „Романија и Бугарија остануваат ранливи, додека пак Владимит Путин гледа отстрана со задоволство. Тоа е трагедијата на добронамерната политика на проширување на ЕУ – никогаш достаточна за реформа на општествата”, заклучува Тајмс.

Длабока, тајна држава

Сличностите помеѓу описот на состојбите во Романија и оние кај нас ниту се изненадувачки ниту пак случајни. Впрочем, колку и да е шокантна помислата дека терминот „длабока, тајна држава” (досега користена за арапски, африкански и јужноамерикански хунти) сѐ уште може да се употреби во денешното совремие и во контекст на земји членки на ЕУ, ние осудените на живеење во реалниот свет сме одамна навикнати да истата ја примиме со лефтерно спуштање раменици и лаконски одговор “е машала, Западот повторно открил топла вода”. Таа реалност на пост-комунистичките општества е фактичка константа на политиката на паралелни светови – оној кој се случува во сивилото во кое сме оставени од оваа страна на стаклената (телевизиска) преграда низ која се џариме и ѕиркаме во другиот свет на западни и домашни дипломати додека куцкаат кристални чаши на славење на “успешни реформи” и пофалби за “млади демократии”.

Радува, затоа, и дава мала надеж тоа што некој на Западот конечно се осмели да болеста на Романија ја дефинира со “политички унисекс” терминологија за суровите последици на феноменот “длабока држава” во пост-комунистичките општества на Балканот, вклучително Македонија. И посебно Македонија, во која влијанието на длабоката, тајна држава како никогаш досега се препознава низ тековните бури во чаша вода.

На прво место според видливоста и бурноста во јавноста, тоа се однесува на дебатите за постоечките Платформи и оние во најава, проследени со жестоки дебати про и контра. Кои на крај се сведуваат на размена на перцепции и “начуени толкувања”, а притоа сосем мал е бројот кој истите ги имаат прочитано (и според напишаното, а не толкуваното) достојно промислено. Што пак сосема се вклопува во духот на времето денешно во кое мислењето е неспорно додека пак фактите се алтернативни. Во очекување на појавата на македонската Платформа како пандан или одговор на албанската, нејзината необјавеност очигледно (и апсурдно) не е доволна базично-логична пречка за автоматско отфрлање и од старт покопување како зло писание. Со што во основа се повторува истата состојба како и со албанската Платформа, која (претпоставувам) слично со најавената македонска, не боледува толку од напишаното, колку од сомнежот во мотивите на оние кои ја имаат составено. Накратко, да го повторам ставот изнесен по објавата на претходната платформа, очекуваната објава на македонската Платформа треба да се поздрави, но не може да се поддржи токму поради ликовите кои ја имаат составено. Сепак, во тој паритет помеѓу платформите, албанската Платформа се отсликува со тоа што ја потврдува тезата дека албанскиот политички фактор во земјата се уште ја има моќта за предизвикување иницијална енергија на дебата и реформска промена, за разлика од најавениот статично-дефанзивен дух на македонскиот пандан.

СЈО во матни води

Вториот камен на сопнување во домашните дебати- судбината на СЈО- штотуку навлезе во уште поматни води, заматени по мерка на полит-партиските сомови. Вчерашната изјава на Катица Јанева со која потврдува дека целта на нејзината работа е криминалната врхушка во власта, секако не може да се смета како изненадувачка, но пак затоа со полно право заслужува да се оцени како несфатлива и збунувачка.

Колумната на Арсим Зеколи во целост прочитајте ја тука

dw.com