Вести Македонија Став Ударни вести

ДЗР: Недостиг на процедури и човечки ресурси за управување со информацискиот систем во Агенцијата за администрација

Сподели:

 

Агенцијата за администрација за реализација на надлежностите при вработувањето во јавната администрација нема оптимален број на човечки ресурси за извршување на работните задачи во одделението за ИТ и поддршка и недостасуваат дел од процедурите за спроведување на промени во Базата на прашања и „контрола на четири очи“, констатирал Државниот завод за ревизија, по извршената ИТ ревизија во оваа институција.

Со извршената ИТ ревизија на усогласеност за начинот и постапките за реализација на надлежностите при вработувањето во јавната администрација, државните ревизори утврдиле оти имајќи предвид дека целата постапка се спроведува со употреба на информациски систем во Агенцијата, нема доволен број вработени во Одделението за ИТ и поддршка.

– Таквата состојба предизвикува преоптовареност на постојните вработени и го доведува во прашање навременото и ефикасното извршување работните задачи. Не е обезбедена секундарна локација со потребна информатичка опрема и софтвер заради непречено одвивање на постапката во случај на прекин на работата на информацискиот системот на примарната локација, каде би продолжиле постапките и активностите на Агенцијата. Ваквата состојба може да предизвика прекин во реализација на активностите за објавување на јавен оглас, спроведување на испит и тест на личност на кандидатот, се вели во денешното соопштение од Државниот завод за ревизија.

Од ДЗР нагласуваат дека во однос на примена на најдобрите практики за ИТ безбедност и безбедност на податоците, тие се применуваат во помал обем и не се документирани, односно за тоа не постои пишана политика или процедура за начинот на нивната имплементација.

– Утврдената состојба е резултат на малиот број на вработени лица од областа на ИТ, како и недостаток на стручна обука за управување на постојните информациски системи, велат од ДЗР.

По извршената ревизија од ДРЗ констатирале дека во текот на 2020 и 2021 година за време на изборните активности, од страна на вработените на Агенцијата се почитувале одредбите од Изборниот законик за запирање на сите постапки за огласување и постапки за спроведување на тестови и спроведување на тест на личност и интервју, но дека поради отсуството на апликативна контрола за целосно ограничување на пристапот до системот, се овозможува негово користење во делот на административна селекција на пријавените кандидати, за огласи објавени пред донесување на Решението за распишување на избори.

– Констатирани се одредени активности во системот кои се однесуваат за веќе завршени јавни огласи за вработување пред распишување на изборите во 2020 година и 2021 година. Отсуствува ограничување на мрежниот пристап до компјутерите во просторијата за полагање и до модулот и базата на прашања за испити, со време на пристап, корисничко име на вработениот кој пристапил и акции кои ги извршил при пристапот, а отсуствува автоматизирана процедура за преземање на базата на прашања за испити во надлежност на МИОА, процедура за ажурирање на промени и ревизорска трага за спроведена контрола при ажурирање на базата на прашања за испити од страна на Агенцијата за администрација со што постои ризик за навремено евидентирање на промените во базата на прашања кои треба да се усогласени со тековните промени на законската регулатива и ризикот од грешки при мануелно внесување на промените, се вели во соопштението од ДЗР.

За надминување овие состојби, ДЗР дал препораки до надлежните лица во Агенцијата за администрација кои, како што нагласуваат, се темелат на резултатите од извршената ревизија, односно се во функција на подобрување на реализацијата на надлежностите на Агенцијата. Тоа се препорачува со цел да се обезбеди додадена вредност во насока на зајакнување и создавање на поефикасен и потранспарентен систем за спроведување на постапките за полагање на испитот, доверливост, достапност и интегритет на податоците.

Ревизијата на усогласеност ги опфатила процесите поврзани со информацискиот систем и нивната усогласеност со законите, политиките и стандардите што се применуваат во Агенцијата за објавување на огласи за вработување на административни службеници.

Цел на извршената ревизија на усогласеност на информацискиот систем за пријавување, полагање и вработување во Агенцијата за администрација за реализација на надлежностите при вработувањето во јавната администрација, нагласуваат од ДЗР, е да му овозможи на ревизорот да добие разумно уверување за тоа дали постапките во врска со постојната законска регулатива, стратешките и планските документи се целосно уредени и дали истите овозможуваат соодветна и доволна правна рамка за спроведување на постапките за вработување на административни службеници и истите во сите материјални аспекти се во согласност со наведените критериуми.

Предмет на ревизија биле и постапките за селекција на административни службеници, за спроведување на испитот за административен службеник и испитот за административно управување во 2020 и 2021 година. /МИА

Сподели: