Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Едногласна одлука на КНП за Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор

Сподели:

 

Денеска во Комисијата за надворешни работи, едногласно беше заклучено Собранието на Република Северна Македонија да го донесе Предлог законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.
Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, во својство на Претставник на Владата на Република Северна Македонија ја образложи потребата за донесување на овој Предлог закон.
“Со особена чест и гордост, пред пратениците, членови на оваа Комисија го претставуваме овој Предлог закон, како оснивачки акт на Северноатлантската алијанса (НАТО), како политичка и меѓународна безбедносна организација, создадена со потпишувањето на Северноатлантскиот договор на 4 април 1949 година”, истакна Жерновски.
Во своето обраќање посочи дека, членството на Република Северна Македонија во НАТО е основна стратешка цел и претставува долгорочен надворешно-политички приоритет од денот на независноста на нашата држава. Членството на Република Северна Македонија во НАТО е гаранција за македонската национална сигурност и темелен предуслов за натамошен напредок на македонското општество во согласност со темелната вредности наведени во Уставот на Република Северна Македонија. Со зачленувањето во НАТО, активно ќе придонесеме за сопствената национална сигурност, регионалната безбедност како и за сигурноста на НАТО, изјави Жерновски пред пратениците.
Во 15.00 часот, денеска, на свечена седница во Собранието се очекува и официјално усвојување на Предлог законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.
Сподели: