Еду катче на ЛАЈКА: Зошто стерилизација на милениците е единствено и хумано решение?

Сподели

 

Со оглед на безбројните случаи на напуштање и злоупотреба на животни во Македонија, сметаме дека е од клучна важност повторно да се зборува за кастрацијата, односно трајната стерилизација, како единствен ефикасен и хуман начин за намалување на бројот на напуштени животни. Иако Законот за заштита на животните предвидува дека сопствениците на домашни миленици мора да обезбедат контрола на репродукцијата на животните под нивен надзор, неодговорните граѓани го прекршуваат законот, за да потоа, покрај напуштањето миленици се соочуваме и со случаи на екстремно насилство, каде дури се убиваат ( дават, задушуваат) или оставаат несаканите потомци на нивните кучиња и мачки во шуми, на депонии или покрај патиштата, каде умираат од глад, болести, напаѓаат други животни, или завршуваат под автомобилските тркала.

Неретко завршуваат оставени пред вратите на прифатилиштата кои се полни со напуштени животни.

Дури и ако сопствениците сакаат да се грижат за младенчињата, и да ги дадат на понатамошно вдомување, тие се соочуваат со фактот дека животните тешко се вдомуваат  бидејќи има повеќе животни на кои им треба дом, отколку што има луѓе кои се подготвени да им овозможат долготрајна грижа и љубов. Така, поради неодговорноста на голем број поединци, страдаат и животните и локалните заедници, кои треба да одвојат значителни финансиски средства за нега на напуштените животни.

Предрасуди околу стерилизацијата и кастрацијата миленици
Оперативната процедура на стерилизација/кастрација е едноставна, се изведува рутински и животните можат да направат сè самостојно веќе неколку часа по оперативната интервенција. За жал, поради недоволната информираност, постојат многу предрасуди во однос на оваа тема, поради што животните повторно страдаат. Една од нив е дека женските миленици треба да имаат барем еден пород пред да бидат стерилизирани, што е погрешно и уште поштетно по здравјето на животното бидејќи со секое натамошно размножување се зголемува можноста за ред заболувања во староста на животното. При тоа ваква женка  (доколку е неодговорно чувана и пуштана слободно на улица) бргу  ја  наоѓаат и други кучиња, кои насилно и наизменично ја парат, што за неа е болно и трауматично, а честопати и фатално.

Друга честа заблуда е дека мажјаците не треба да се кастрираат, иако некастрираните мажјаци, во градовите но особено во руралните средини, се компетитивни и пораздразливи, се групираат, талкаат во глутници.  . Сетто тоа може лесно да се превенира, со интервенција која е од здравствен аспект полезна и многу кратка,  рутинска за машките единки.
Постои и предрасуда дека по кастрацијата животните го менуваат својот карактер и добиваат тежина. Ниту една од нив не е вистинита. Стерилизираните/кастрираните животни се посмирени затоа што повеќе не се вознемируваат цела година од нагон што не можат да го задоволат. Стерилизираните женкиимаат помала веројатност да развијат тумори на млечните жлезди, пиометра и други болести, а дијабетесот е за четири пати поредок кај стерилизиранитеотколку  нестерилизираните. Покрај превенцијата на болести и кај мажјаците и кај женките, истражувањата потврдија дека стерилизираните животни живеат далеку поквалитетно и подолго.

Етички аргумент против стерилизацијата
Колку пати сте слушнале „жал ми е да му ја одземам на животното можноста да роди малечки“? Главниот аргумент против стерилизацијата  е правото на секое животно да живее без човечко влијание врз неговиот начин на живот, врз неговото живеалиште и врз неговиот физички интегритет. Во таков случај „миленичињата“ како такви не треба ни да постојат, туку животните треба да живеат како независни диви животни во нивната природна средина. Во таков случај човекот никогаш не требал ни  да ги припитоми. Но тие се тука и нашата морална обврска е да ги третираме хумано и постапуваме во колективен  интерес/.
Животните не се свесни за лишувањето од мајчинството и татковството со кастрација, но добро се свесни за физичката и психолошката болка предизвикана од скучност во несоодветна средина, како и за смртта на нивните младенчиња од глад и студ, што се случува поради состојбата во која човекот ги довел. Во контекст  кога животните живеат со и меѓу луѓето, стерилизацијата докажано им помага, превенира раѓање на нови единки, а дава повеќе шанса на веќе родените да преживеат.

ПРЕДВИДЕТЕ ГИ ПОСЛЕДИЦИТЕ  И ДОНЕСЕТЕ ПРАВИЛНА И ХУМАНА ОДЛУКА.