Емил Крстески: Обновување на Архивите и на професијата

Сподели

 

Генералното собрание на Меѓународниот совет на архивите (International Council on Archives) на 16 ноември 2020 година одржа виртуелен zoom состанок, на кој учествуваа над 120 директори на национални архиви, меѓу кои и директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.

 

 

На состанокот, кој го водеше претседателот на МСА, Дејвид Фрикер, стана збор за реализацијата на заклучоците од претходното Генерално собрание, за усвојување на буџетската рамка на организацијата за наредната година, како и за агендата за наредниот состанок на Меѓународниот совет, што е предвидено да се одржи во октомври 2021 година во Абу Даби, како и за Годишната конференција што е планирана за септември 2022 година во Рим. Свои извештаи на ова Собрание имаа и потпретседателот, Норман Шарбоно и генералната секретарка, Антеа Селс.

 

 

На ова Генерално собрание, особено внимание привлече делот во кој стана збор за активностите на Евалуационата комисија и за стратегиските извештаи, во кои доминираше темата за обновувањето и актуелизирањето на Архивите како институции и за афирмацијата на самата професија – архивист.

 

 

Во рамките на овој состанок, директорот, д-р Емил Крстески накусо ги информира учесниците на Собранието за структурата и функционирањето на Државниот архив, за процесите на дигитализацијата на архивските документи и историските материјали, како и за одбележувањето на 70-годишнината од создавањето на Архивот. Притоа тој ги покани претседателот, потпретседателот, генералниот секретар на Меѓународниот совет на архивите и претседателот на европскиот огранок на МСА, Чарлс Феруџа, да учествуваат на свеченостите што ќе се организираат по тој повод во Скопје, во текот на март 2021 година, се разбира, доколку за тоа има услови, со оглед на закани од пандемијата Ковид 19 за здравјето на луѓето.