Естонија го презеде претседавањето со Европската Унија

Сподели

Естонија денеска го презеде шестмесечното претседателство со Европската Унија од Малта. Естонскиот премиер, Јури Ратас и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер вчера имаа средба на која разговараа околу програмата на естенското претседавање со ЕУ.
„Вашиот тим е подготвен и ги видовме големите напори кои ги вложивте во изминатите неколку месеци. Претседателството е во добри раце“, изјави Јункер, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.
Според претседателот на ЕК, историјата покажала дека претседавањата на помалите земји-членки со ЕУ се секогаш успешни.
Јункер нагласи дека мотото на естонското претседавање со ЕУ, кое гласи „Единство преку рамнотежа“, оди со задачите и предизвиците со кои се соочува Унијата.
Ратас и Јункер разговарале на бројни теми, вклучувајќи го слободниот проток на податоци и обнова на статегијата на ЕУ за безбедност на интернет.
Ратас потсети дека Јункер уште на почетокот на мај изразил очекување дека естонското претседателство со ЕУ ќе донесе „значаен напредок“ особено околу прашањата од дигиталната технологија.
На состанокот Јункер и Ратас разговарале и за прашања околу одбранбената политика на Европската Унија.

meta.mk