Вести Свет

Етиопија засади повеќе од 350 милиони дрвја за 12 часа

 

Вчера во Етиопија за помалку од 12 часа се засадени 353 милиони дрвја. Масовното садење дрвја беше дел од поширока кампања за пошумување наречена „Зелено наследство“, која беше предводена од премиерот Абиј Ахмед. Милиони Етиопјани низ целата земја беа поканети да учествуваат во предизвикот. Ахмед на „Твитер“ објави дека во првите шест часа биле засадени околу 150 милиони дрвја.

„Ние сме на половина од нашата цел“, вели тој, и ги охрабри граѓаните да „работат интензивно во преостанатите часови“. Откако измина 12 часовниот период, премиерот на Твитер соопшти дека Етиопија не само што ја исполни својата колективна цел за „Зелено наследство“, туку истата ја надмина. Засадени се вкупно 353,633,660 садници, пишува на Твитер,  Гетахун Мекурија, министер за иновации и технологија.

Индија во 2017 година, го постави светскиот рекорд кога 1.5 милиони луѓе засадија 66 милиони дрвја во 12 часа.

Целта на Етиопија е уште поголема од ова. Кампањата за садење дрвја има за цел да се засадат 4 милијарди дрвја за време на „дождливата сезона“, помеѓу мај и октомври, според еден твит на премиерот објавен во мај.

Според „Фарм Африка“, организација која вложува напори за пошумување на Источна Африка и им помага на земјоделците да излезат од состојбата на сиромаштија, помалку од 4% од територијата на Етиопија е пошумена, споредено со крајот на 19 век, кога таа бројка била околу 30%.

Земјата се соочува со ефектите од климатската криза, ерозија на почвата, уништувањето на шумите и честите суши и поплави кои влијаат на земјоделието. 80% од населението во Етиопија се потпира на земјоделството како начин на егзистенција.

Во 2017 година Етиопија се приклучи на повеќе од 20 африкански држави во заложбата за „враќање“ на 100 милиони хектори земја како дел од Иницијативата за обнова на африканските шумски предели. Во една неодамнешна студија се вели дека обновата на „изгубените шуми“ можат да помогнат во справувањето со две третини од целиот јаглерод кој придонесува на загревање на атмосферата.

 

Сподели: