Вести Македонија Настани Ударни вести

Столе Попов ја доби наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“

Сподели:

 

Вчера се одбележа 41. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, на кој режисерот Столе Попов ја доби наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија. Додека пак, наградата за „Златна камера 300“ му припадна на оскаровецот Јануш Камински, големиот полско – американски и светски кинематографер.

„Благодарение на овој фестивал, Битола и нашата држава се препознаени во светот на седмата уметност. За жал, годинава го нема црвениот тепих и препознатливиот гламур пред Центарот за култура во Битола, ги нема филмските проекции и полната киносала, ги нема драгите гости од светот на филмот. Пандемијата со Ковид-19 ги промени сите планови и предвидената програма за 41. издание на „Браќа Манаки“. Сепак, традицијата продолжува, и во скратена и во изменета форма фестивалот и понатаму живее“, рече претседателот на државата, Стево Пендаровски кој се обрати на настанот.

Режисерот Столе Попов истакна дека секој што се занимава со филм, знае за тешкиот и макотрпен пат да се дојде до истиот, поради кој треба се извојуваат илјадници помали и поголеми битки, од кои, како што рече тој, најтешката е со самиот себеси за да се оствари визијата која се носи во себе.

„Моите филмови главно се занимаваат со вечната тема во кинематографијата, тоа е пред сè слободата и љубовта. Нема ништо поиманентно за слободата од идентитетот на човекот, неговиот јазик, неговата култура, неговата духовност и духовноста на средината во којашто живее. Би сакал да скренам внимание на луѓето кои се занимаваат со политика да не забораваат и да не ги занемаруваат тие фундаментални вредности на светската кинематографија и демократија, кои сè почесто се занемаруваат и губат. Да имаат една работа на ум дека со сила и на сила убавина нема”, потенцираше Столе Попов.

Јануш Камински, годинашниот лауреат на Златна камера 300 за животен опус, своето обраќање го почна на македонски јазик со зборовите „Здраво пријатели, како сте?“.

„Огромна чест ми е што сум добитник на Наградата за животно дело од Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Едвај чекам да ја посетам Битола, едвај чекам да се сликам пред споменикот што ги прикажува браќата Манаки. Какви изумители! Какви иноватори! Ја создале современата кинематографија! Морам да се пофалам каква среќа имам што сум кинематографер. Мислам дека тоа е најчудесната професија на светот, да можеш да се изразиш себеси естетски и уметнички преку светлината и сенките. Тоа е уметничка форма што полека, но сигурно исчезнува. Би сакал да ја нагласам важноста на визуелното раскажување. Би сакал да ја нагласам важноста на сенките и светлината. На сите млади кинематографери што ме гледаат им порачувам – мора да работите на вашата уметност, мора да работите на вашиот занает. Работата не е во тоа само да покажете слика, поентата е во визуелните метафори, во раскажувањето приказна преку композицијата, движењето на камерата, и светлината и сенките. Ви посакувам добра среќа на сите. Уште еднаш ви благодарам за оваа награда. Како што веќе кажав – Едвај чекам да се видиме во Македонија“, порача Камински.

На настанот освен почитувачите на фестивалот, пристигнаа министерката за култура, Ирена Стефоска, директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, филмски професионлаци, претставници на дипломатскиот кор, како и љубителите на филмската уметност.

На манифестацијата збор земаа градоначалничката на Битола, Наташа Петрова, директорката “Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска, како и американската амбасадорка Кејт Мари Брнс. Преку видео порака се вклучи Кеес ван Острум, новоизбраниот претседател на ИМАГО, меѓународната асоцијација на кинематограферите, која во фестивалот „Браќа Манаки“ препозна свој партнер уште од 1995 година.

Поради протоколите за заштита од ширењето на корона вирусот, годинава управниот одбор на ДФРМ донесе одлука дека ИФФК „Браќа Манаки“ нема да се одржи во својата реална форма.

Сподели: