ЕУ со поддршка од 4 милиони евра за Царинската управа во борбата против организираниот криминал

Сподели:

Царинската управа на царинскиот терминал Табановце ги презентираше резултатите од активностите реализирани со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамки на ИПА 2021 Акцискиот документ „ЕУ против организираниот криминал, во поддршка на трговијата“.

Преку поддршката од ЕУ, во вредност од околу 4 милиони евра, Царинската управа ги зајакна своите оперативни, истражни и технолошки капацитети.

Обезбедени се 26 специјализирани возила, од кои 21 за мобилните царински тимови и 5 за К-9 единицата, како и специјализирана опрема за царинска контрола и истраги, откривање недозволена трговија, форензика и информатичка инфраструктура.

„Ова не се само материјални средства, туку алатки со кои нашите царински службеници секојдневно ќе можат поефикасно да ја извршуваат својата работа – да ги препознаваат ризиците, да спречуваат нелегална трговија, да откриваат шверц и да придонесуваат кон борбата против организираниот и прекуграничниот криминал“, истакна директорот Николовски.

„Мораме да покажеме дека криминалот е неисплатлива професија. Царинската управа е на првата линија на одбраната на законот и владеењето на правото и треба да се движи во таа насока“, порача премиерот Мицкоски.

,Ова е инвестиција во институција која има исклучително важна улога за државата – во заштитата на финансиските интереси, во борбата против организираниот и прекуграничниот криминал, но истовремено и во создавањето услови за побрза и поедноставна трговија. Сето ова значи подобри услови за работа на царинските службеници, поголема мобилност и подобри капацитети за откривање и спречување нелегална трговија и прекуграничен криминал“, истакна министерката Гордана Димитриеска-Кочоска.

Амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас, нагласи дека поддршката од Европската Унија носи конкретни и видливи резултати. Според него, специјализираната опрема, надградениот серверски простор и новиот ИТ-систем за регистрација на економските оператори се практични инвестиции во подобро функционирање на институциите.

„Ова е видот на европска интеграција што граѓаните можат да ја видат и почувствуваат: граничен премин кој функционира подобро, стока која се движи побрзо, бизниси кои се соочуваат со помалку пречки и царински службеници кои располагаат со алатките што им се потребни за да ја гарантираат безбедноста на граѓаните“, истакна Рокас.

Значаен дел од проектот е насочен кон дигитализацијата и олеснувањето на легалната трговија. Развиени се EORI2 – системот за регистрација и идентификација на економските оператори, и UUM&DS – системот за унифицирано управување со идентитетите на корисниците и дигиталниот потпис.

Поддршката од Европската Унија претставува значаен придонес кон создавањето современа, професионална и ефикасна царинска служба, со посилни капацитети за заштита на економските и финансиските интереси на државата, борба против криминалот и истовремено олеснување на легалната трговија.

.

Сподели: