Вести Став Ударни вести

ЗНМ: Реформите да мрднат од мртва точка

Сподели:

Здружението на новинари на Македонија го поздравува договорот меѓу власта и опозицијата за донесување на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој ќе придонесе за создавање подобри услови за работа на радиодифузерите во Македонија.

Новиот модел на избор на управните органи и системот на финансирање на Македонската радио телевизија и на медиумскиот регулатор ќе го намали политичкото влијание врз овие клучни институциите во медиумскиот сектор и придонесува кон нивна поголема независност ипрофесионалност.

Укинувањето на владиното субвенционирање за домашната продукција во националните приватни телевизии и намалувањето на квотите за домашна продукција за радиодифузерите ќе придонесе да се прекинат клиентелистичките врски меѓу медиумите и власта и да се спречи евентуална можност за влијание врз уредувачка политика на медиумите.

Со новите измени казните за медиумите се намалуваат и стануваат делумно пропорционални, а освен тоа се намалува и надоместокот за дозволата за сите радиодифузери. Со ова се намалува можноста регулаторот, односно судот да ги користи непропорционалните казни како средство за притисок врз медиумите, а намалувањето на надоместокот ќе ја олесни финансиската кондиција на медиумите.

Покрај позитивните измени на законот, кои во изминатиот период беа усогласени со новинарската и медиумската заедница, загрижени сме околу содржината на членот 102 од законот, со кој се однесува на забраната за рекламирање со јавни пари. Наместо јасна одредба со која ќе се забрани трошење јавни пари во медиумите во овој член се вели дека „институциите нема да предвидат средства во буџетите за трошење во медиумите“.

Предупредуваме дека ваквата двосмислена одредба може да се злоупотребува во иднина, институциите да не предвидат средства за медиумите во нивните буџети, но можат да ги пренаменат од други ставки, со цел да ги вложат во разни медиуми.

Овој закон е само почеток на долго најавуваните реформи во медиумскиот сектор, но само доколку се имплементира на соодветен начин и се отстранат некои двосмислени членови. Очекуваме и други битни законски решенија, за кои е веќе укажано од новинарската и медиумска заедница наскоро да бидат донесени.

Сподели: