Вести Став

Еве ги луѓето од новата Влада! – Петрит САРАЧИНИ

Сподели:

Си реков, ајде и јас да пробам да напишам нешто во стилот на новата медиумска ера. Онаа на алтернативните факти (читај: лаги), на атрактивните и привлечни наслови (читај: лаги) и на неверојатните вистини стокмени во 5 до 20 реда внимателно одбрани и селектирани парчиња од реалноста, ставени во соодветен и корисен контекст за испраќачите на медиумските пораки (читај: лаги), коишто народот ги голта со голема глад, мислејќи дека станал попаметен и дознал нешто со епохална важност, не само за него, туку за и за Македонија, универзумот а богами и пошироко, не обѕирајќи се на мозочните ќелии кои му отишле на вечните ловишта додека ја примал отровната, но лесно сварлива содржина…

Па така, си стокмив модерен, „фенси“ наслов, прав ловец на кликови. А богами и тема, којашто верувам дека ви е мошне важна. Сега, веројатно би требало да следи она „од извори блиски до…“, па бладање и џвакање имиња, некои фотографии од сосем други прилики и места, но со нов контекст или „фотографска легенда“, и ете ти вест на денот!

Сепак, токму во духот на ова ново медиумско време, како што бива во вакви ловџиски содржини, дури во третиот пасус, предраги сограѓан(к)и мои, ќе ви откријам дека всушност, сум ве излажал малку со насловот. Јас воопшто немам намера да ви зборувам за тоа КОЈ ќе биде дел од новата влада, туку КАКВИ луѓе ни се потребни во извршната власт, во моменти кога нашата земја се соочува со тотален хаос, во секоја сфера и пора на општеството.

Да не должам, бидејќи новите времиња бараат куси текстови, и да ги изложам двата клучни критериума – за оние што ќе треба да ги засукаат добро ракавите и да нè извлечат од кафеавостите, во кои сме западнати до гуша, а можеби и подлабоко.

Најпрвин, да ви кажам право, мене ми е доста од она „дајте млади луѓе“. Низ годиниве се изнагледавме „млади и перспективни“ политичари, кои животното и работното искуство го градеа, „вежбајќи“ на една цела нација.

Нека ми простат младите (уште долго мислам да се бројам и себеси во оваа категорија), младинските активисти, сите оние што се борат да го сопрат егзодусот на младите од Македонија, можеби ова некој ќе го доживее како „ејџизам“… Но, да повторам, причините зошто го велам ова, веројатно ви се добро познати, но нема да штети да ги повториме.

Имено, во овие 26 години независност, веројатно како држава во светот држиме уште еден неславен светски рекорд и со фактот дека сме имале премиери, министри, градоначалници, директори на државни агенции и претпријатија, на кои – таа позиција им била прво или второ работно место во животот. Луѓе на раководни функции, кои воопшто не почувствувале како е да се испотиш за да заработиш плата, ниту пак колку е тешко да дадеш плата.

Најсвеж примерок во сеќавањето, ни е онаа несреќа од министер за труд и социјала, со сите негови лудории, кој во овој ресор „слета“ со пар години искуство во државната администрација, а без ниту еден ден работен стаж во реалниот сектор. И тоа голобрадо момче решаваше и за трудот, за работничките права, за синдикатите, а богами и за социјалата. Страшно!

А тоа што ни треба во овие тешки моменти се луѓе со искуство. Но, не само искуство, тие луѓе треба да бидат истакнати и успешни во нивните области, да ги знаат и отаде Богородица и Табановце. Наместо луѓе со „чисти биографии“, што најчесто резултираше со кадровски решенија со празни биографии, нам ни требаат луѓе со чист образ, но со богати биографии.

И, вториот мошне важен критериум, испит на кој редовно паѓаат повеќето политичари, а особено оние на Балканот, е силата или вештината да се скроти сопственото его, кое вообичаено расте право пропорционално со висината на положбата и должината на мандатот.

Дали можете да замислите министри и директори кои одат редовно кај медиумите кои им поставуваат тешки прашања, кои дебатираат пристојно со нивните неистомисленици и политички противници, кои не злоупотребуваат медиуми за нивно оцрнување,  кои не си одат од настани на кои се поканети, веднаш по нивните воведни обраќања, кои не доцнат на јавни настапи и настани, кои….?

Тука ќе престанам со редењето критериуми, оти мислам дека ме разбирате што сакам да кажам. Можете ли да замислите такви луѓе? Ако не можете да ги замислите, тогаш тешко нам, затоа што без такви луѓе, ќе биде уште потешко да ја замислиме нашата подобра иднина, а камо ли да ја опипаме и видиме во догледно време.

Затоа, да го бараме тоа! Гласно, упорно, секојдневно! Искрено се надевам дека овој пат ќе успееме и дека ќе имаме „таква среќа“, а ако не, нема да престанеме и ќе бараме уште поцврсто и посилно, сè додека не дојде денот кога ќе можеме со гордост и восхит да викнеме: Еве ги луѓето од новата Влада!

Петрит Сарачини

Сподели: