Европска недела на тестирање за ХИВ: Секој ден тестирање во ХЕРА со брзи ХИВ тестови

Сподели

 

Од денеска до 29 ноември ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување ја одбележува Европската недела на тестирање за ХИВ веќе осма година по ред.

 

 

Денес, се проценува дека во нашата држава секое трето лице кое има ХИВ, не го знае својот ХИВ-позитивен статус, односно не е свесно дека е ХИВ-позитивно. Да се знае својот ХИВ-статус што порано е важно, затоа што денес благодарение на терапијата за ХИВ, која е достапна и бесплатна кај нас, луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата кои немаат ХИВ, доколку добиле навремен третман. Од друга страна, редовното земање на терапијата за ХИВ е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот, бидејќи терапијата го потиснува вирусот до т.н. недетектабилно ниво, при што е невозможно ХИВ да се пренесе на друго лице по сексуален пат.

Сакајќи да го направиме тестирањето за ХИВ подостапно и да ги охрабриме граѓаните да го дознаат својот ХИВ-статус, во рамките на Европската недела на тестирање за ХИВ, ХЕРА ќе обезбедува бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови. Овие услуги се достапни во Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам” на Водно секој работен ден од 16 до 20 часот и за време на викендот од 11 до 15 часот. За подетални информации и за закажување, граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950. Тестирањата и советувањата за ХИВ се одвиваат во согласност со интерни протоколи за прием и нудење на услуги на клиенти за време на здравствената криза со КОВИД-19.

За граѓаните е достапна и мобилната андроид апликација Направи ХИВ тест, преку која може да добијат информации поврзани со ризикот од пренос и заштитата од ХИВ, како и да ги дознаат сите локации низ земјата каде што може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ. Апликацијата може бесплатно да се преземе на Google Play.

Европската недела на тестирање за ХИВ е меѓународна иницијатива кон која се приклучуваат повеќе од 600 организации низ Европа за да ја подигнат свесноста за важноста на навременото тестирање за ХИВ и на пристапот до терапија за ХИВ. Годинава, ХЕРА ја одбележа и пролетната Европска недела на тестирање за ХИВ споделувајќи „ХИВ позитивни приказни: Животот го живеам во сите бои“, односно приказни на 7 луѓе кои живеат со ХИВ во Македонија.