Европските Зелени: ЕУ мора да обезбеди РС Македонија да биде чекор поблиску до членството во Унијата

Сподели

 

На 17 ноември, министрите за европски прашања ќе се состанат за да се договорат за конечниот став на ЕУ за отпочнувањето пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија. Процесот со Северна Македонија, сепак, повторно е пред блокада, со најавеното бугарско вето на договорот.

Европската зелена партија и нејзините партии членки од Бугарија и Северна Македонија силно го поддржуваат започнувањето на разговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија и прифаќањето на рамката за преговори со ЕУ без одлагање. Цврстата европска ориентација на Владата на Северна Македонија и демонстрираните макотрпни и на крајот успешни напори на државата за спроведување на значајни и неопходни реформи на патот кон членството, беа признати од страна на земјите членки на ЕУ во март 2020 година. ЕУ мора сега да одговори на очекувањата на граѓаните на Северна Македонија за европска иднина, со изразување почит за нивните напори и со конечно отпочнување на пристапните преговори.

ЕУ е изградена врз разновидноста на нејзините членки, врз богатата културна историја на луѓето што ја сочинуваат и врз правото на секоја заедница на самоопределување и самоидентификување. Дебатите меѓу соседните земји треба да се решаваат врз билатерална основа и не треба да се користат како преговарачки токени за блокирање на процесите на ниво на ЕУ.

Како што е истакнато во Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Северна Македонија од август 2017 година, двете страни ја поздравуваат посветеноста и аспирацијата на Република Северна Македонија за нејзиното интегрирање во европските и евро-атлантските структури. Крајно време е овие зборови да се претворат во акција.

Потпишано од: Томас Вајц, копретседател на Европската зелена партија и европратеник, Маја Морачанин, претседателка на ДОМ, партија членка на Европската зелена партија, од Северна Македонија, Борислав Сандов, копретседавач на Зелено движение, партија членка на Европската зелена партија, од Бугарија, во Брисел, 16 ноември 2020 година.