Вести Став

Фијаското на вакцинацијата против Ковид-19 во Бугарија: преголеми ризици, просечни резултати

Сподели:

 

Naum Kajcev 400x500
Владимир Атанасов

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. Причините за ова се многубројни – слаба организација, неспособност и потенцијален судир на интереси. Ништо од ова не е изненадување. Бугарија е втора во ЕУ по смртност по глава на жител, на секои седум дена, и последна во ЕУ според бројот на реализирани вакцинации по глава на жител.

Во својот најнов текст, уредничкиот одбор на „Волстрит Џурнал“ реализацијата на вакцинацијата против Ковид-19 ја нарекува фијаско. Меѓутоа, ако ја погледнеме најсиромашната и најкорумпирана земја членка на ЕУ, Бугарија, ќе констатираме катастрофална состојба. Додека вакциналниот одговор се покажа мошне млак, процесот на распределување на вакцини се чини дека е правичен кон сите земји членки. ЕУ ги распредели набавените дози на вакцини според бројноста на население на секоја земја членка (pro rata) но Бугарија не ги прифати сите дози кои ѝ беа доделени – зошто се случи тоа? Дали тоа беше ставање цена на животот на бугарските граѓани? Дали тоа беше судир на интереси или случај на чиста неспособност? Да погледнеме подетално.

Вакцини достапни во ЕУ

Заклучно со 16 март 2021, ЕУ обезбеди 2.6 милијарди дози на вакцини од шест различни производители, од кои четири (1,86 милијарди дози) беа одобрени за употреба во рамките на ЕУ. Исто така има и уште најмалку четири вакцини кои беа одобрени за употреба во најмалку една земја во светот.

Постојат четири главни типови на вакцини – mRNA, аденовирус (т.е. вирусен вектор), базирани на протеини и вакцини базирани на деактивиран вирус. Вакцините mRNA се развиени и произведени од „Фајзер/ БиоНТек“, „Модерна“ и „КјурВак“. Овој тип на вакцина се заснова на најнова технологија „(која) никогаш не била одобрена пред пандемијата“. Вакцините со аденовирус/ вирален вектор развиени од „Астразенека“, „Џонсон и Џонсон/ Јансен Фармацеутикал“, „Спутник В“ на Гамалеја и „Сансино Биолоџикс“ користат релативно нов пристап кој, сепак е веќе тестиран во борбата против ебола вирусот. Вакцините на „Новавакс“ и „Санофи-ФСК“ кои се засновани на протеин сè уште се во напреднати фази на развој. Најтрадиционален метод на вакцинирање е деактивираниот вирус кој се користи од кинеската државна компанија „Синофарм“, во кинеската „Синовак Биотек“ и индискиот „Барат Биотек“.

„Сите јајца во иста кошничка“

Додека точните цени кои производителите на вакцините ги имаат преговарано со ЕУ е можеби најдобро чувана тајна во ЕУ, различни извори направија проценка на опсегот на цените користејќи јавни и полу-јавни податоци. Во следнава табела можете да ги видите информациите обезбедени од „Економист“ и „Фајненшел Тајмс“. Еден твит објавен од државниот секретар за Буџет на Белгија, Ева Де Блеекер, кој потоа брзо беше избришан, открива уште повеќе.

Fijaskoto na vakcinacijata protiv Kovid 19 vo Bugarija pregolemi rizici prosecni rezultati 1

Ќе биде разбирливо ако некоја членка која има проблем со цените на вакцините да оди на варијантата најголем број на дози од најевтината вакцина, но дали е логично да се оди со целосна набавка на само една вакцина а без никаква набавка на друг тип на вакцина ако нивните цени се исти, а тие, во моментот кога се правеше распределбата, сè уште беа предмет на разгледување и не се знаеше дали ќе биде одобрена една, или двете, или можеби ниту една?

Додека вакцините со mRNA се чини дека се „преценети“ во споредба со другите можни кандидати, тие беа сепак први кои беа одобрени и потоа реализирани на европскиот континент. Целата идеја на тоа да се има големо портфолио на различни вакцини беше да се намали ризикот од евентуален проблем кај само еден тип на вакцина од логистички или од аспект на учинок, како и да се направи баланс помеѓу просечната цена на целокупното портфолио. Зошто, тогаш, Бугарија реши да ја игнорира мудрата пракса и да „ги стави сите јајца во иста кошничка“?

Користејќи свои пресметки и податоци кои се достапни во оваа фаза, подготвив еден општ приказ на цената на вакцините во ЕУ и во Бугарија. Имено, ако портфолиото на ЕУ чини 11 евра по доза, бугарското чини 9 евра по доза. Претпоставувам дека „заштедата“ од 2 евра по доза (18%) е индикација за цената која бугарската Влада ја има ставено на своите граѓани. Ова се заштеди преку избор на портфолио во кое доминираат поевтини вакцини наместо балансирано портфолио од сите достапни вакцини.

Како балансирана распределба на ЕУ се претвори во концентрирана позиција во Бугарија?

На Бугарија ѝ беа доделени 1,55% (индекс на населението во Бугарија во однос на населението во ЕУ) од сите дози за кои се преговараше. Бугарија не ги побара сите расположливи pro rata дози од „Модерна“ и „Фајзер/ БиоНТек“ но побара речиси максимум од Астразенека. Бугарија исто така ги побара сите расположливи количини од „Санофи/ ФСК“ која сè уште не е одобрена. Дополнително на ова, Бугарија ја одби целата распределба на вакцината „Џонсон и Џонсон / Јансен Фармацеутикал“ за потоа од неа да биде побарано повторно да ја разгледа ваквата одлука и на крајот купи распределени вакцини од шведската Влада.

Се проценува дека Бугарија „купила“ однапред околу 13 милиони дози за потоа да зголеми на 18,6 милиони дози. Притоа, ЕУ ѝ има распределено на Бугарија 42,8 милиони дози. Дури и со недостаток на целосна транспарентност може да се забележи недоволниот акцент ставен на двете вакцини кои беа најблиску до одобрување (во месец декември 2020 година) и ставањето преголем акцент на вакцините од „Санофи/ ГСК“ кои допрва требаше да бидат одобрени. Со оглед на расположлицата балансирана алокација, Бугарија одлучи да се концентрира на само една вакцина, и тоа речиси 40%, и да избере само една од достапните вакцини со вирален вектор (пред да го склучи договорот со Шведска).

Fijaskoto na vakcinacijata protiv Kovid 19 vo Bugarija pregolemi rizici prosecni rezultati 2Табела која ја прикажува распределбата на вакцини во ЕУ и Бугарија

Фијаското на Бугарија

Недостатокот на јавни информации во врска со цените е донекаде разбирливо на ниво на ЕУ и на национално ниво. Сепак, Европската комисија беше јасна и директна со објавување информации за процесот на распределба. Спротивно на ова, целиот процес на распределба во Бугарија е обвиен со тајност. Повременото споделување на информации со јавноста обично е поврзано со голема катастрофа или со појава на перципиран судир на интереси како со случајот на „Астразенека Бугарија“.

Fijaskoto na vakcinacijata protiv Kovid 19 vo Bugarija pregolemi rizici prosecni rezultati 3Извор: balkaninsight.com

Во едно интервју за Бугарската национална телевизија дадено на 14 јануари, 2021 година, директорот на Националниот центар за заразни и паразитски болести изјави дека Бугарија нарачала претежно вакцини од „Астразенека“ (01:43:30). Главен извршен директор на „Астразенека Бугарија“ е Зоја Пуанова, инаку еден од основачите на партијата ГЕРБ на Бојко Борисов и мајка на европратеничката Ева Мејдел (Паунова) која исто така е од ГЕРБ. „Слободна Европа“ Бугарија и општествени активисти го поставија прашањето дали одлуката за фаворозирање на „Астразенека“ во распределбата се заснова на овој однос.

Можеби само изгледа како судир на интереси но сепак е доволно да се стави под знак прашање целиот процес на распределба на вакцините во Бугарија. Загриженоста во врска со безбедноста на вакцината на „Астразенека“ која произлезе од меѓународните медиуми само внесе дополнителна лутина кај граѓаните и придонесе за криза на доверба во владината програма.

Според моите пресметки (види Табелата за распределба) се чини дека првичниот „план“ на бугарската влада бил подеднакво да се нарачаат вакцини базирани на протеин и на вирусни вектори и тоа 40% од секоја од нив и уште 20% од вакцини базирани на mRNA. Морав да го исклучам „Новавакс“ од пресметките затоа што со нив сè уште не е склучен договор. Интересно е што првичниот план беше да се набават сите вакцини со вирален вектор од еден производител – „Астразенека“.

По барањето од ЕУ и договорот со Шведска, новата распределба „се чини“ дека сега е поурамнотежена т.е. секој тип на вакцина учествува со 33%. Сепак, на ниво на цела ЕУ, распределбата е поинаква – 50% се распределени на mRNA вакцини, 30% на вакцини со вирален вектор и 20% на протеински базирани вакцини. Ова е актуелната распределба (март 2021 година) и веројатно ќе се промени со воведување нови информации. Распределбата веројатно се заснова на фактот дека вакцините базирани на mRNA беа први кои беа одобрени за употреба во ЕУ додека вакцините базирани на протеини сè уште се во напредни фази на развој.

Бугарската стратегија за вакцинирање беше објавена на 7 декември 2020 година со Одлуката 896 од Советот на министри. Се чини дека недостатокот на планирање и организација беа норма уште од самиот почеток. Објаснувањето што министерот за здравство го даде во Парламентот за барањето за неоптимална распределба во однос на mRNA вакцините беше дека тие вакцини имаат специфични барања кои не можат да се реализираат без соодветна организација. Дали со тоа признаваа дека земјата не е подготвена? Во исто време, кога ЕУ ја зголеми распределбата на mRNA вакцините, бугарската влада одлучи да распредели повеќе mRNA вакцини. Може да се забележи хаотичност во правењето избор која може да се објасни или со страв од препознавање судир на интереси, за кој многумина и се сомневаат, или со чиста неспособност.

Серијата на конфликтни одлуки и контрадикторни информации кои доаѓаа од владата не помогнаа граѓаните да бидат убедени во спротивното. На пример, сосема непромислено беше воведен „зелен коридор“ а потоа уште побрзо беше затворен. Идејата со овој „зелен коридор“ беше да му се овозможи на секој граѓанин да биде вакцинира во одредени центри за вакцинација, дури и без претходно закажување. Истовремено, на граѓаните им беше „понудено“ да избираат која вакцина ја сакаат. На оние малкумина кои се обидоа да ја искористат оваа опција им беше кажано дека имаат само еден избор – „Астразенека“.

Каде сме сега? Последни по вакцинирање во ЕУ!

Имајќи ги предвид сите горенаведените работи, резултатите се јасни – на 9 април 2021 година, Бугарија беше трета земја по ред во ЕУ според вкупниот број на смртни случаи од Ковид-19 во однос на бројот на население. На истиов овој датум, Бугарија беше втора земја во ЕУ според нови потврдени смртни случаи на милион луѓе во постојан просек од седум дена. Истовремено, земјата е последна во ЕУ според бројот на дози на вакцини кои се дадени по 100 лица. Но, дури и цврстото паѓање на дното се чини дека не го „разниша“ владиниот брод на Борисов.

Fijaskoto na vakcinacijata protiv Kovid 19 vo Bugarija pregolemi rizici prosecni rezultati 4Табела: Број на смртни случаи – Извор: Our World in Data

Кој ќе ја преземе одговорноста за ова фијаско?

Типично е за бугарската влада никогаш да не презема одговорност за своите постапки и пропусти и наместо тоа, да најде жртвено јагне на некое друго место. Дали во овој случај тоа ќе биде Европската комисија? Борисов веќе се има обидено со тоа во минатото. Според мене, се чини дека недостатокот на организација, што се граничи со чиста неспособност, и целосниот неуспех за соодветна комуникација со партнерите на Бугарија во ЕУ и со бугарските граѓани се причини за катастрофалната вакцинална кампања во земјата.

Се разбира, Борисов тврди дека тој се справува со пандемијата „на најдобар можен начин“, а министерката за надворешни работи Захариева тврди дека „светот зборува за бугарскиот модел на управување со кризи“, но таквите пораки замислени за домашна употреба може лесно да се побијат со податоци. Она што на Бугарија ѝ треба сега е подобра и поквалификувана работна група, која ќе може да се спротивстави на предизвикот поврзан со решавање на недостатоците на тековната програма.

Сподели: