Бројот на загинати од земјотресите во Турција и Сирија достигна речиси 16.000

Сподели

 

Бројот на загинати од земјотресите што ги погодија Турција и Сирија оваа недела се приближува до 16.000. Преживеаните граѓани, како што пренесе Ројтерс, останаа гневни и фрустрирани поради бавното пристигнување на спасувачките тимови.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека операциите сега работат нормално и вети дека никој нема да остане без покрив над главата.

Низ територијата на јужна Турција, луѓето бараат храна и привремено засолниште од ладната зима. Тие чекаат во мака покрај купишта урнатини, каде што членови на нивните семејства и пријателите можеби сè уште лежат закопани.

Во Турција досега се потврдени 12.873 жртви и 62.937 повредени лица по катастрофалниот земјотрес што го погоди југоистичниот дел на земјата во понеделникот, соопшти турската управа за цивилна заштита, а јавува државната новинска агенција Анадолу.

Во Сирија во земјотресот загинале 3.162 лица, пренесе „Гардијан“.

Светската здравствена организација стравува дека без засолниште, вода, гориво и струја, многу преживеани сепак би можеле да ги загубат своите животи. Би-би-си пишува дека постои опасност да има секундарна катастрофа која може да предизвика штета на повеќе луѓе од првичниот земјотрес.

Спасувачите продолжуваат со макотрпната работа, но надежите за многумина сè уште заробени под урнатините, исчезнуваат. Турција се надева дека ќе отвори уште два гранични премини кон Сирија за да се овозможи испорака на многу потребните материјали таму./Мета.мк