Филипче: Бројот на новозаразени постепено и благо опаѓа – да се почитуваат мерките

Сподели

 

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната утринска прес-конференција изјави дека ситуацијата со епидемијата на Ковид-19 полека се стабилизира и дека засега здравствените власти не планираат воведување на дополнителни мерки за заштита од ширење на вирусот.

„Од анализата на бројките и трендовите може да се забележи дека епидемијата го достигна пикот пред една недела и оттогаш практично бројките се стабилизирани и се во ниво на едно плато, што ни укажува дека R0 факторот на преносливост е практично 1“, рече Филипче.

„Она што охрабрува е дека расте бројот на оздравени. Изминатиов период евидентираме високи бројки на оздравени од домашно и болничко лекување. Конкретно минатата недела процентот на оздравени во однос на претходната е зголемен за 45%, а трендот продолжува и оваа недела“, додаде Министерот.

„За жал евидентен е порастот на бројот на смртни случаи и кај нас и на глобално ниво. По недели, од почетокот на месецот – 111, 149, 182 и 206“, додаде Филипче.

Министерот за здравство, на пресконференцијата во Владата, исто така напомена дека се намалува и притисокот врз болниците, додавајќи дека претходниот период се работело на проширување на капацитетите и дека во моментов има слободни болнички легла во сите болници низ земјата.

Мобилизиран е целокупниот кадар на сите одделенија, ангажирани се и дел од приватните специјализанти кои покажале волја да се вклучат во овој процес, како и дел од младите и лиценцирани лекари кои имаа платена пракса, која за дел од нив заврши и се разговара за модалитетите за нивно вработување во здравствениот систем, а на тоа се работи со Фондот за здравствено осигурување и Министерството за финансии.

– Системот „МојТермин” освен во некои клиники каде е редуциран, работи нормално. Нема одложување на хроничните интервенции. Сега и во целокупниот изминат период во болниците во Скопје и во другите градови има слободни кревети. Има доволна количина заштитна опрема близу милиони ипол парчиња, дел од набавки дел од донации, додаде Филипче.

Тој соопшти и дека здравствените власти во моментов не размислуваат за воведување на нови мерки, како полицицискиот час, за спречување на ширење на вирусот. Ризик остануваат собирите во домашни услови, за кои има препорака да не случуваат и организираат. Огромен дел на ефективноста на мерките отпаѓа на свеста на граѓаните“, – изјави министерот.

Во меѓувреме 20.000 тестови стигнаа како донација, 13.000 се веќе поделени и се користат во многу здравствени установи во земјава. Уште 6.000 во овој момент има во резерва и имаме план каде да се дистрибуираат во текот на следната недела, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Владата.

denesmagazin.mk