„Како сега ќе им објасните на пензионерите што чекаат ред пред Алта банка во Битола? Или дека може да си земат само десет илјади денари од своите пари и дека таа банка им ја донесе Христијан Мицкоски?“, праша претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во „Тема на денот“ на Сител, посочувајќи дека граѓаните ги трпат последиците од ситуацијата со Алта банка и се соочуваат со ограничување при подигнувањето на сопствените пари.
Тој нагласи дека граѓаните и компаниите се тие што ги трпат последиците од ситуацијата со Алта банка.
„Па кој трпи, кој страда? Нашите граѓани, нашите компании. И тоа сето го дозволил Христијан Мицкоски“, истакна Филипче.
Филипче посочи дека СДСМ уште од декември минатата година предупредуваше за Алта банка и за сомнежите поврзани со потеклото на нејзиниот капитал.
„Банка којашто станала банка од менувачница, банка за којашто се сомнева дека има огромен капитал стекнат со криминални и коруптивни зделки во Србија, за којашто има сомнеж дека се переле пари преку шверц на дрога, дозволија да влезе кај нас“, рече Филипче.


