Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по средбата со еврокомесарката за проширување Марта Кос, изјави дека поддршката од Европската Унија за евроинтеграциите на Северна Македонија е силна и континуирана.Имавме одлична и многу конструктивна средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
“Ја информирав дека СДСМ останува целосно посветен на евроинтегративниот процес. Сметам дека тоа е единствениот начин на кој земјата ќе ги зајакне институциите.
Со влез во ЕУ, граѓаните ќе имаат подобра економска положба, ќе има вистинска реформа на правниот систем, и младите тука ќе може да ја бараат својата иднина, затоа што ќе имаат многу повеќе можности од тоа што го имаат сега.
Изразив жалење што во изминатата година има стагнација на тој пат, отсуствуваат стратегија и политички дијалог, и за жал се отвораат веќе затворени прашања.
Побарав поддршка од еврокомесарката и од сите европски партнери да се откочи нашиот евроинтегративен пат.
Сакам да порачам дека ова не е време ниту за калкулации, ниту за тесно и ситнопартиски интереси. Ова е време во кое секоја една партија треба да даде сѐ од себе за да продолжиме по патот на евроинтеграцијата, да се отворат поглавјата за преговорите, затоа што граѓаните тоа го очекуваат од нас”, изјави Претседателот на СДСМ Венко Филипче по средбата со Марта Кос.
извор/фото СДСМ
