ФРИДОМ ХАУС: Во Македонија се гонат критичари и се попречуваат истраги

Сподели

Лидерите во Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и во Македонија ги малтретираа критичарите од редовите на граѓанското општество, ги попречуваа истрагите за незаконските дејства на владата и ги игнорираа уставните процедури, решителни во своите намери и покрај критиките. Набљудувачите изразуваат загриженост дека напредокот кон демократските стандарди се заменува со токсична мешавина на национализам, корупција, неправилно функционирање на владата и на вмешување од Русија.

Таквата негативна оценка за Македонија е дадена во извештајот „Слободата во светот 2017“ на интернационалната невладина организација „Фридом хаус“.

Во својот најнов извештај, во однос на земјите од соседството и пошироко, Македонија, заедно со Косово, Албанија, Црна Гора и со Босна и Херцеговина, е сместена во категоријата делумно слободни земји, додека другите балкански земји – Грција, Бугарија, Србија, Романија, Хрватска – се во категоријата слободни земји. Интересно е што во таа група, Македонија со 57 поени е рангирана повисоко од Косово (52) и од БИХ (55), но полошо од Албанија (68) и од Црна Гора (69) поени.
Во светскиот извештај се рангирани 195 земји, при што 87, односно 45 отсто, се категоризирани како слободни, 59 земји, односно 30 отсто, меѓу кои и Македонија, се делумно слободни, а 49 земји, односно 25 отсто од вкупно 195 земји се неслободни.
Сериозни влошувања на политичките права или граѓанските права, или пак и на двете, се регистрирани во земји оценети како слободни во извештајот, а тоа се Бразил, Чешка, Данска, Франција, Унгарија, Полска, Србија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Шпанија, Тунис и во САД.
Генерално најлошите оценки за состојбата во 2016 година се за Блискиот Исток и за Северна Африка, по кои следува Евроазија.