Израел: Демонстранти барааат забрзување на истрагата против премиерот Нетанјаху

Сподели

Неколку стотици Израелци протестираа со барање да се забрзаат истрагите кои се водат против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и наводите за неговата вмешаност во коруптивни работи, јавува Anadolu Agency (AA).

Демонстрантите синоќа се собраа пред куќата на израелскиот државен обвинител Авихај Менделблит, во градот Петах Тиква, а во протестот пропратен со зајакнати безбедносни мерки не се регистрирани поголеми инциденти.

Насобраните, вклучувајќи и претставници од опозицискиот Ционистички блок, бараат да се забрза процесот на истрагата и да се подигне обвинение против премиерот Нетанјаху.

Повикувајќи се на неименувани извори, израелското државно радио јавува дека обвинителството дошло до поцврсти докази дека Нетанјаху дал мито на челник на една медиумска куќа за да објавува позитивни вести за него.

Обвинителот Менделблит за телевизијата „Kanal 10“ (Канал 10) изјави дека во наредните десет дена ќе биде завршена истрагата за злоупотреба на позицијата и трошење на јавните средства за лични цели на премиерот Нетанјаху и неговата сопруга Сара Нетанјаху.

Против Нетанјаху се водат неколку истраги околу наводите за корупција и мито, а тој минатиот месец даде исказ пред обвинителството. Сѐ погласни се повиците на опозицијата која бара премиерот да поднесе оставка.