Вести Македонија Ударни вести

ФЗОМ: Нова распределба на квотите за лекови во аптеките

Сподели:

Фондот за здравствено осигурување утврди нова распределба на квотите за лекови за аптеките со кои Фондот има склучен договор. Новата распределба стапува на сила од 1. јануари следната година.

„Сакаме да нагласиме дека сега со новата распределба сите аптеки добиваат фер услови за обезбедување на лекови на целата територијата на Република Македонија, што не беше случај претходно, бидејќи заради начинот на распределба на квотите во претходните години настанале и големи разлики во висината на износите на квотите на аптеките, а едно правно лице добивало и за 40 насто поголема месечна квота од просечната квота на сите останати аптеки во Република Македонија“, велат од ФЗОМ.

Новите квоти се донесени после исцрпни анализи на дистрибуцијата на квотите на аптеките и во консултации на Фондот со Фармацевтската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори и Здружението на приватни аптеки – изјавија од ФЗОМ.

Со новата распределба едно правно лице со две или повеќе аптеки не може да има вкупна квота која е поголема од 10% од вкупниот месечен буџет на Фондот наменет за лекови на рецепт на ниво на цела држава. Досега само едно правно лице располагаше дури со приближно 20 проценти од буџетот за лекови на товар на Фондот. Со овој потег се намалува можноста за стекнување и одржување доминантна позиција на пазарот и се подобрува конкуренцијата, а на средните и малите аптеки им се овозможува порамноправни правила на игра.

Сподели: