Ми претставува особено задоволство што денес сум меѓу вас во рамките на Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Овој настан станува дотолку позначаен и поради фактот што се одржува во годината кога се одбележуваат 100 години од упокојувањето на авторот на монументалното дело „За македонцките работи“, по чие име е препознатлив овој Институт, но со кој се гордее и целокупната македонска култура. Исто така, драго ми е што можам да Ви се обратам без потреба од преведувач, притоа доследно почитувајќи го стандардниот македонски јазик, а можеби и без да се забележи дека не зборувам на мојот мајчин јазик, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши, во поздравното обраќање по повод 11. Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.

Да се зборува за македонскиот јазик во неговата колевка, каде што тој се проучува, се штити и се негува, освен што е чест и привилегија, претставува и голема одговорност. Затоа, најнапред сакам да Ви се заблагодарам за можноста, а потоа да Ви честитам за овој настан, кој ги надминува рамките на еден вообичаен научен собир. Јазикот, освен што е средство за комуникација со кое ги изразуваме нашите мисли, го пренесуваме знаењето, го чуваме колективното сеќавање и ја пренесуваме културата од една генерација на друга, претставува и една од главните одлики на идентитетот на поединецот и на нацијата, како и еден од важните столбови на секое општество. А кога зборуваме за македонскиот јазик, ова е уште позначајно, бидејќи тој го претставува темелниот идентитет врз кој се гради самиот македонски народ.
Припаѓајќи на народ, кој, исто така, го изградил својот национален идентитет врз јазикот и чиј успех се мери според степенот на неговата употреба, најдобро ја разбирам тежината и значењето на македонскиот јазик за македонскиот народ. Токму затоа, во текот на целата моја политичка кариера, но и пред тоа, сум се потрудил да бидам внимателен не само да не го повредам овој важен елемент на градењето на националниот идентитет на моите сограѓани, туку и да помогнам во негово афирмирање и заштита, секаде каде што сум имал можност и во секоја пригода. Длабоко верувам дека почитта и емпатијата кон другиот се незаобиколни доблести во општество како нашето.
Република Северна Македонија е општество во кое живеат граѓани со различна јазична, културна и етничка припадност. Тоа е нашата реалност и тоа е нашето богатство. Затоа, прашањето на јазиците, нивната заштита и негување, како и нивната јавна и институционална употреба, бара одговорност, почит и постојан дијалог. Во овој контекст, научната работа што овој Институт ја врши повеќе од 70 години, има особено значење, бидејќи, покрај истражувачката работа од областа на лигвистичките научни подрачја, овој Институт претставува и значајна референција за идентитетот на македонскиот народ, но и за нашата заедничка држава.
Кога веќе зборуваме за истражувачката дејност на овој Институт, можеме, на пример, да ја споменеме научната област јазици во контакт и балканскиот јазичен сојуз, претставена и преку делото на албанскиот лингвист Шабан Демирај „Балканска лингвистика“, кое е преведено и на македонски јазик, а која потврдува дека албанскиот и македонскиот јазик имаат развиено заеднички јазични особености токму поради постојаниот контакт. Секако, овој Институт има многу што да придонесе и да каже во врска со оваа тема. Вие подобро од мене знаете дека говорителите на балканските јазици создавале заеднички јазични црти, иако тие јазици може да се разликуваат според нивната генеалогија и типологија. Тоа значи дека, дури и кога политичките елити би сакале да ги разделат луѓето, јазиците се тие што ги поврзуваат.
Затоа, особено е значајно што програмата на овие Отворени денови опфаќа различни аспекти поврзани со јазикот, почнувајќи од меѓународната научна конференција, па сè до различните дискусии за македонскиот јазик и други лингвистички прашања. За тоа сведочи и присуството на истражувачи и учесници од различни академски средини, кои денес се собрале на овој настан.
Оваа научна манифестација добива уште поголемо значење денес, кога начините на комуникација брзо се менуваат, кога дигитализацијата создава нови облици на употреба на јазикот и кога контактот меѓу јазиците и културите е поголем од кога било досега. Истовремено, фактот што во програмата е опфатен и Денот на францускиот јазик, претставува важен потсетник дека јазиците не треба да ги гледаме како граници меѓу луѓето, туку како мостови кон други култури, знаења и искуства.
Кога националните јазици го губат својот простор, а глобализацијата ги потиснува јазиците на малите народи, наша одговорност не е само да го зачуваме нашето јазично наследство, туку и да го одржуваме живо, да го развиваме и да го отвориме кон светот.


