Денес, во пресрет на Меѓународниот ден на знаковниот јазик, се собравме овде, во Собранието – домот на сите граѓани, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши.

“Знаковниот јазик не е само начин на комуникација. Тој е јазик на идентитетот, достоинството, еднаквоста и учеството. Но, овој ден добива значење само тогаш кога ни дава простор да размислиме за она што сè уште недостасува, да застанеме и да видиме каде се наоѓаме како општество и како институции. Овој ден е момент да се слушнеме едни со други и да размислиме за едно важно прашање: што можеме да направиме повеќе за никој да не се чувствува исклучен од институциите. Затоа сме заедно овде, со уверување и верба дека од оваа сала ќе излеземе со повеќе идеи за подобри решенија.
Поддршката за глувите и наглуви лица не треба да се гледа како прашање што и припаѓа само на една заедница. Тоа е прашање на општество кое сака да биде праведно и инклузивно. Во таа насока, дозволете ми да истакнам дека во изминатите години направени се значајни чекори во признавањето и користењето на знаковниот јазик, во развојот на услугите за толкување, во пристапот до образование и во поголемото вклучување на глувите и наглувите лица. И Собранието даде свој придонес, започнувајќи ја промената од самата институција и поддржувајќи ја преку својата законодавна улога.
Од 2023 година, во Собранието се организираат курсеви за изучување на знаковниот јазик за пратениците и собраниската служба. Тоа е навидум мал чекор, но со голема порака: ако сакаме институциите да бидат подостапни, тогаш треба да започнеме со тоа што ќе научиме да комуницираме едни со други. Исто така, Собранието создаде простор за соработка со здруженијата на глувите лица, поддржа активности кои го приближуваат знаковниот јазик до институционалниот живот и вложи напори вашите искуства и барања да бидат дел од нашите дискусии.
Не е доволно да кажеме дека сме создале механизми. Треба да видиме дали тие функционираат. Не е доволно да кажеме дека институциите се отворени. Треба да се осигуриме дека граѓаните можат да ги користат без бариери. Затоа особено важно го сметам вашето барање оваа средба да не остане само свечена средба, туку да послужи како почеток на поструктурирана институционална и професионална соработка. Особено во однос на развојот, стандардизацијата и пошироката употреба на знаковниот јазик, сметам дека потребен ни е континуиран дијалог, во кој институциите, експертите и самата заедница ќе работат заедно.
Вие најдобро од сите знаете каде се пречките и кои се решенијата што можат да функционираат. И овде сакам да кажам нешто што за мене е многу важно: вие не барате привилегија. Барате еднакви можности за комуникација, за добивање информации, за учество и за да бидете слушнати.
Токму затоа сметам дека треба сè повеќе да преминуваме од пристап во кој зборуваме за глувите лица, кон пристап во кој соработуваме и дејствуваме заедно со нив. Затоа што никој не може подобро да ги дефинира потребите на една заедница од самите луѓе кои секојдневно ги доживуваат тие потреби.
Собранието е дом на сите граѓани и неговата врата треба да биде отворена во секоја форма и за глувите и наглувите лица.
На крај, дозволете ми да ви честитам вам, како Национален сојуз на глуви и наглуви лица, за вашата работа и секојдневниот ангажман за унапредување на правата и условите на оваа категорија граѓани во нашето општество. Вие сте инспиративен пример за она што може да се изгради кога постојат љубов, посветеност и меѓусебна почит”, додаде Африм Гаши.


