Герасимовски: 50 години Општина Центар – подобар Центар за сите генерации

Сподели:

Општина Центар денеска одбележува 50 години од своето постоење. Јубилејот е повод да се потсетиме на нејзиниот развој, но и да ги истакнеме промените и резултатите со кои Центар продолжува да се развива како современо урбано јадро на Скопје.

„Среќен сум и горд што токму во мојот градоначалнички мандат го одбележуваме овој голем јубилеј. Центар има богато минато, силен урбан дух и голема иднина што заедно ја градиме. Во изминатите пет години работевме општината да биде посовремена, подостапна, потранспарентна и поблиску до секој граѓанин. Општина во која секој е добредојден, секој глас се слуша и секој денар се вложува одговорно“, истакнува градоначалникот Горан Герасимовски.

Во мандатот на Герасимовски се реализираа низа значајни проекти во образованието, детската заштита, спортот, инфраструктурата и услугите за граѓаните. Изградена е градинката „Пролет“, со капацитет за 173 деца, обновена е спортската сала „Работнички“, реконструирани се улици, доградени училишта и подобрени условите за образование и престој на најмладите.

Паралелно, општината инвестира во зелената и енергетската трансформација, обновливите извори на енергија, нови паркови и зелени површини, како и во програми за поддршка на учениците, младите, повозрасните и лицата со попреченост.

„Секој проект има своја приказна, но сите имаат иста цел – подобар Центар за сите генерации. Особено ми значи довербата што граѓаните ми ја дадоа за втор мандат. Тоа е обврска да продолжиме уште посилно, со нови идеи, амбициозни проекти и конкретни резултати. Верувам дека најголемата вредност на една општина се луѓето и условите што им ги создава за живот“, додава Герасимовски.

Центар останува општина со силен урбан идентитет, препознатлива по својата динамика, културно наследство и континуирани вложувања во современи урбани решенија.

Сподели: