Денеска на Конститутивната седница на Советот на Град Скопје, новиот градоначалник Орце Ѓоргиевски се обрати до советницие на Град Скопје.

” Денес стоиме пред почетокот на едно ново, убаво поглавје за нашиот град. Оваа прва конститутивна седница на Советот на Град Скопје е чин каде што испраќаме силна порака дека демократијата живее преку одговорноста, соработката и визијата за подобро Скопје.
Овој Совет, избран со доверба од граѓаните, има историска задача да го насочи Скопје кон стабилен, функционален и одржлив развој. Да покаже дека кога политиката ќе ги стави интересите на граѓаните пред сè, резултатите се видливи, конкретни и трајни.
Нема време за експериментирање, туку за работа. Работа веднаш!
Како градоначалник, мојата цел е да создадеме град кој ќе биде пример за чистота, ред, транспарентност и современ урбан развој. Град во кој граѓаните ќе се чувствуваат безбедно, гордо и рамноправно.
Скопје е срцето на Македонија. Ова е град со историја, традиција, култура и младост. Нашата мисија е да ја зајакнеме оваа енергија, да го направиме Скопје место каде што младите ќе останат, каде што семејствата ќе се развиваат, а сите граѓани ќе живеат достоинствено.
Во наредниот период ќе се фокусираме на неколку клучни приоритети:
Да обезбедиме ефикасен јавен превоз, но и да го модернизираме, кој ќе ги поврзува сите делови на градот.
Ќе вложуваме во нови автобуси, подобрување на сообраќајната сигнализација и безбедноста на улиците.
Завршува времето кога Скопје беше град на депонијата.
Уште вчера, од првиот ден од преземањето на функцијата градоначалник ја започнавме генералката за чистење на градот.
И тоа нема да биде само 72 часовна акција – тоа ќе продолжи во континуитет, секој ден. И ова што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака – сѐ се може. Тоа, всушност е наша обврска, за тоа граѓаните нѐ плаќаат. Чистиот воздух, почитувани, многу зелени површини и решенија за отпадот се темелите на еден здрав град. Скопје мора да стане лидер во еколошките политики, со конкретни и видливи резултати.
Нема да дозволам урбанизацијата да биде хаотична, туку планирана и во интерес на граѓаните. Тоа го покажав во Кисела Вода, а така ќе биде и во градот Скопје. Ќе се залагаме за рамнотежа меѓу развојот и заштитата на јавниот простор.
Младите се двигател на секоја заедница. Затоа ќе обезбедиме поддршка за младински проекти, иновации, културни иницијативи и спорт. Градот ќе биде партнер, а не пречка за младите.
Транспарентноста е исто така еден од врвните приоритети на кои се фокусираме. Скопје од вчера е отворен град за сите. Граѓаните мора да знаат како се користи секој денар од градскиот буџет. Ќе обезбедиме јавен пристап до сите информации, отворени податоци и отчетна администрација.
Почитувани советници, вашата улога во оваа приказна е клучна. Без разлика на политичката припадност, сите сме тука за една заедничка цел, да го направиме Скопје подобро место за живеење. Очекувам овој Совет да биде извор на идеи, визии и решенија а не на поделби. Да покажеме дека знаеме да соработуваме кога станува збор за интересите на граѓаните. На граѓаните им должиме чесност, посветеност и конкретни резултати. Наша обврска е да ја вратиме довербата во институциите и да покажеме дека локалната власт може да биде пример за професионалност, интегритет и ефикасност.
Дозволете ми да изразам огромна благодарност до жителите на Скопје кои ја поддржаа нашата визија, нашиот искрен пристап и препознаа дела наместо празни зборови. Благодарност и до Советот за кој сум убеден дека одлуките ќе ги носиме со консензус, а само и само во интерес на скопјани. Упатувам честитки и до новоизбраниот претседател на Советот, Даме Димитровски – човек визионер и експерт во својата област. Познавајќи го Даме, убеден сум дека овој Совет ќе функционира во интерес на граѓаните. Верувам дека заедно, со визија, труд и одговорност, ќе изградиме модерен, чист и достоинствен град. Скопје какво што заслужуваме сите!” – кажа Орце Ѓоргиевски, новиот градоначалник на Град Скопје.


