Град Скопје: Зошто БРТ системот е најдобар избор за Скопје

Сподели

 

На презентацијата на БРТ системот на брз автобуски превоз во Скопје која се одржа минатата недела, проф. д-р Никола Крстаноски, од Техничкиот факултет Битола разјасни неколку дилеми кои се појавија во јавноста.

Разликата помеѓу БРТ системот и регуларниот автобуски систем кој денеска се користи во Скопје, е дека БРТ се одликува со физички издвоена траса, станици коишто се од затворен тип, приоритет на сигнализираните раскрсници, систем за наплата со паметни картици, АВЛ систем, систем со информации за патниците и интеграција со останатите видови на јавен превоз.

 

 

„Токму овие својства, според начинот на функционирање и според квалитетот на услугата што ја нуди, го прават БРТ системот поинаков, скоро идентичен со системите на брз трамвај односно ЛРТ (Light Rail Transit), а има елементи кои се слични и со метро системот. На почетокот на 80-тите години постоеше иницијатива за воведување на трамвајски систем во Скопје, кој беше пропратен и со референдум за самопридонес кој само за неколку проценти беше неуспешен. Меѓутоа тоа што денес се случува во Скопје, како град со шестотини илјади жители, со преку 170 илјади регистрирани возила, зборува дека Скопје има сериозен проблем во сообраќајниот систем бидејќи недостасува еден клучен елемент. А тоа е брз, висококапацитативен, еколошки  вид на јавен градски превоз којшто ќе даде квалитетна услуга и којшто ќе биде атрактивен за граѓаните на Град Скопје“ – додаде Крстаноски.

Професорот Крстаноски појасни и зошто е одбрано централно поставување на трасите. Во таа насока тој појасни дека со евентуалното поставување на трасите на десната страна се губеше можноста за леви свртувања, особено на булеварот Партизански одреди.

 

 

„Замислете што би станало по должината на Партизански одреди да се забранети леви свртувања, во услови кога таму сообраќајната мрежа е прилично ограничена, а имате огромен сообраќај кој влегува од западниот дел од градот. Анализите коишто ги правевме со симулациониот модел и варијантите кои што ги разгледувавме покажаа дека токму ова решение е најдоброто решение во секој поглед, и за БРТ системот и за останатиот сообраќај“ – појасни Крстаноски.