Градоначалниците на Охрид, Прилеп, Босилево, Кривогаштани, Ресен и Новаци денеска застанаа во одбрана на битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој е осомничен во случајот „Транспортер“ за малверзации со превозот на ученици во Битола.
Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески тврди дека Талески е чесен и искрен градоначалник и пред се многу добар човек, кој не би ги прекршил законите на Република Македонија.
– Верувам дека низ една регуларна судска постапка или правна процедура тој ќе го докаже тоа – рече Бакрачески, додавајќи дека има верба во правосудниот систем на РМ и во судските органи.
Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески е убеден и уверен во чесноста на постапките на Талески, додавајќи дека тој важи за еден од најуспешните градоначалници во Македонија.
– Господинот Талевски пожртвувано три мандати се бори за развојот на Битола, на Пелагонискиот регион, за промоција на Битола и Македонија. Ова значи комплетно дискредитирање, обид за дискредитирање на господинот Талевски и локалната самоуправа во заложбите за попросперитетен развој на Битола и Република Македонија, рече Ристески.
Според градоначалникот на Босилево, Љупчо Колев, Закон за јавни набавки е донесен под сугестии и директиви на Европската унија, градоначалникот нема големо влијание врз набавките на стоки и услуги во општините, а за она што се товари Талески времето ќе покаже дека било во согласност со сите законски прописи.
Градоначалник на општина Кривогаштани, Тони Затковски исто така рече дека е убеден во чесноста на битолскиот градоначалник и додаде сите политички хајки кои што се одвиваат во овој период во Македонија се деструктивни.
-Со таквиот начин на дејствување, доаѓа секој во Македонија да претставува некој експерт, носи правда на своја рака и сметам дека треба да ги оставиме сите судски институции да си ја реализираат својата работа, а не да подлегнуваат под тие притисоци, рече Затковски.
Градоначалниците на општините Ресен и Новаци, Ѓоко Стрезовски и Лазар Котевски денеска на прес-конференција оценија дека судство потклекна под притисоците на СДСМ и на Зоран Заев.
– Македонскиот народ ова не го одобрува. Владимир Талески е чесен и искрен градоначалник. Тој беше и претседател на Советот на пелагонискиот регион и успешно ги спроведуваше програмите за развој на регионот. Не го оправдуваме ова насилие на СДСМ и Зоран Заев. Талевски не заслужува третман каков што го има во моментот – рече градоначалникот Котевски.