Денес се наоѓаме токму тука, во Мега Паркот во Бутел, кој во изминатиот период стана тема на јавна дебата поради тоа што на влезната табла не беше поставен натпис на албански јазик, покрај македонскиот јазик.
За ова прашање континуирано реагиравме преку медиумите, социјалните мрежи, на седниците на Советот на Општина Бутел, како и со барања упатени до Инспекторатот за употреба на јазиците. Сепак, надлежните институции досега не ги зедоа предвид нашите барања за почитување на двојазичноста.
Затоа, граѓаните одлучија да преземат конкретен чекор: на таблата на Мега Паркот во Бутел да го постават и натписот на албански јазик. Со овој чин не само што се исполнува законска обврска, туку истовремено се овозможува албанските граѓани во овој јавен простор да читаат и на својот мајчин јазик, што за нив претставува и гордост.
Она што го направија граѓаните, всушност, требаше да го направат Општина Бутел и Градот Скопје. И тука се поставува едно едноставно прашање: Зошто требаше да се создаде целата оваа ситуација? Зошто требаше да се дојде до ваков чекор, кога сè можеше да се реши на наједноставен институционален начин, без поттикнување поделби, без дискриминација и без повредување на чувствата на кој било граѓанин?
Убедени сме дека почитувањето на албанскиот јазик никому ништо не му одзема. Напротив, тоа им го дава на сите она што им припаѓа и докажува дека соживотот се гради врз основа на еднаквост, почитување и спроведување на законите. Нагласуваме дека овој чин е во согласност со законот. Од друга страна, институциите и одговорните лица кои не го спровеле законот мора да понесат одговорност за своето непостапување, велат од ДУИ.
Во оваа пригода потсетуваме на член 1 став 3 од Законот за употреба на јазиците, со кој се утврдува дека во единиците на локалната самоуправа, јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик. Исто така, членот 16 од овој закон предвидува употреба на двата јазика при именувањето на улиците, плоштадите, парковите, мостовите и другите инфраструктурни објекти во соодветните општини.
Орце и Дарко, ова е таблата што требаше да биде поставена уште од самиот почеток! Ова е таблата што ги почитува законот, еднаквоста и граѓаните. А не онаа што вие ја поставивте и промовиравте, заобиколувајќи го албанскиот јазик. Земете ја оваа табла како пример за сите ваши идни постапки, бидејќи почитувањето на албанскиот јазик е законска обврска.
Почитта не се докажува со зборови, туку со дела. Вака се докажува почитта кон соживотот, Дарко! Време е за преиспитување и дејствување! – реагираат од ДУИ.


