ГРАЃАНСКА АКЦИЈА: „АРСЕНОВ СТОЛБ НА ВИСТИНАТА“ ВО ГЕВГЕЛИЈА

Сподели

DSC_1715-768x511

Граѓанската иницијатива „Арсена“ вчера попладне во Гевгелија го промовираше „Арсеновиот столб на вистината“, кој претставува своевиден столб на срамот на кој се прикажани резултатите од извршените анализи на количеството арсен во гевгелиската вода. Притоа, потсетуваат од иницијативата, детектирани се енормни количини на отровниот елемент од 14,56 микрограми на еден литар вода во 2013 година, до 21,3 микрограми арсен во април годинава.

„Зачудува фактот што никој од надлежните, ниту општината, ниту комуналното претпријатие не се загрижило за решавање на проблемот со квалитетното водоснабдување, ниту пак се запрашале колку чини лечењето на канцерогените заболувања кои ги причинува арсенот, наместо вложувањето во решение за спас од арсенот“, изјави Никола Писарев од Центарот за современи уметности од Скопје кои помогнаа во акцијата.

Портпаролот на „Арсена“, Јованка Дојранлиева посочи дека резултатите од анализите на вода покажуваат дека „арсенот е се’ уште присутен меѓу нас“. Таа истакна дека јавното комунално претпријатие не ја почитувало забраната за употреба на токсичната вода изречена од Агенцијата за храна и ветеринарство на РМ со тоа што продолжила истата количина на експлоатација на вода од бунарите кај Моин.

Во 2012 кога е изречена забраната за употреба на водата од бунарското подрачје Моин, производното ниво е два милиони метри кубни вода, а во 2015 изнесува 2,35 милиони метри кубни. Присуството пак на арсенот во извршените анализи, вели Дојранлиева, покажува дека комуналното претпријатие не обезбедило нови извори за водоснабдување на граѓаните, ниту пак набавило деарсенификатор за вода, според препораките на специјалистот по хигиена од Институтот за јавно здравје на РМ.

Презентацијата на „Арсеновиот столб на вистината“ се одржа на градскиот плоштад „Маршал Тито“ во центарот на Гевгелија каде беше посетен од многу љубопитни граѓани. Од Арсена најавија постапка пред Управен суд на РМ против Ценовникот за вода на ЈПКД „Комуналец“ според кој водата загадена со отровниот елемент арсен се наплаќа како чиста вода.

RADIOMOF.MK