Груби: Државата е пред големи предизвици и има потреба од одговорна опозиција

Сподели

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Артан Груби, оствари средба со амбасадорката на Република Австрија во Република Македонија, г-ѓата Ренате Коблер.
На средбата, претседателот на Комисијата, г. Груби, осврнувајќи се на последните случувања во земјата во однос на потребните ЕУ реформи и задачи, истакна дека коалицијата работи посветено, со цел во Годишниот
извештај за земјата во април, да биде тргната условеноста на препораката за почеток на преговори за наше членство во ЕУ, и во јуни Советот во Софија да ја потврди оваа препорака.
Во таа насока, информира дека Собранието го ратификуваше Договорот за добрососедски односи со Бугарија, усвои многу од реформските закони, во тек се преговорите за решавање на спорот со името со Грција, се заокружува нормативниот дел на Охридскиот рамковен договор.
Груби истакна дека очекуваме во текот на австриското претседавање почеток на отварање на поглавјата.
Груби истакна дека во случајот со законот за јазиците, опозицијата продолжува се деструктивната политика и за жал е останата заробена во бремето на своето скоро неславно минато покажувајќи некомпатибилност и неразбирање на денешницата и очекувањата на граѓаните.
Државата е пред големи историски предизвици и има потреба од одговорна опозиција.
Амбасадорката Коблер информира за подготовките за австриското претседавање со ЕУ, кое започнува во втората половина на годинава, при што ја потврди поддршката на Австрија за евроинтегративните процеси на Македонија, како и на останатите земји од Западен Балкан.
Таа истакна дека Австрија ќе ја продолжи политиката за проширување на ЕУ со земјите од овој регион, со што државите ќе се зајакнат, а со тоа и цела ЕУ.