Груби ги стави амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за Изборниот законик на седница

Сподели

Седницата на Комисијата за европски прашања ќе продолжи денеска во 11 часот, а на дневен ред се 401 амандман поднесен од ВМРО-ДПМНЕ за предлог законот за измени на Изборниот законик по скратена постапка.

Предлог законот за изменување, го поднесе владата, тој е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка. Со него, владата предлага наместо со двотретинско мнозинство – 81 глас, членовите на Државната изборна комисија (ДИК) да се бираат со просто мнозинство – 61 глас.

Вчера седницата беше прекината за да се архивираат и преведат амандманите кои опозициската партија ги поднесе непосредно пред почетокот на Комисијата, која, пак, претседателот Артан Груби, ја закажа експресно по завршување на лидерската средба.

Според Деловникот, Комисијата има два дена за да ги разгледа амандманите и да гласа за измените на Изборниот законик што ги предложи Владата. Груби, рече дека очекува гласањето да биде в сабота кога истекува рокот.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста велат дека премиерот Зоран Заев погазува Устав, закони, политички принципи за да дојде до својата цел, а тоа е да го згази во целост достоинството на Македонија и македонските граѓани.

„Последен доказ за тоа е срамниот обид да се измени Изборниот законик со мнозинство од 61 пратеник без било каква консултација со експертите и опозицијата. Тоа само говори за апсолутистичкото лице на Заев кој со години вешто и лицемерно го криеше од граѓаните“, велат од партијата.