Груевски бара укинување на пресудата за „Тенк“ поради застареност на делото

Сподели

По првостепената пресуда за предметот на СЈО „Тенк“ поднесени се шест жалби, четири од адвокатите на поранешниот премер Никола Груевски, една лично од Груевски и една од поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.

Судијата известител на денешната седница во Апелациониот суд ги прочита четрите жалби на адвокатите и личната на Груевски, во која е наведено дека во февруари 2018 година настапила застареност на кривичното дело, поради телефонскиот разговор што го направил на 26.02.2012 година. Во жалбата исто така се вели дека пресудата е нејасна и противречна, поради што се бара укинување на пресудата од првостепениот суд.

Адвокатот Стерјо Зиков образложувајќи жалбата за првостепената пресуда за Ѓоко Поповски, рече дела има бројни недостатоци, пред се суштествени повреди во постапката, а дека се направени и бројни повреди во Кривичниот законик.

Според него имало повреди на кривичната постапка во неправилно изведување на материјалните докази, кои судијата дозволил да се читаат како наслови на листата докази, а не содржински, што е спротивно на Законот за кривична постапка, рече тој. Зиков пред судскиот совет се пожали и на вештачењето во случајот велејќи дека е премногу скапо.

На седницата не присуствуваат Груевски и неговите адвокати, кои го известиле судот дека се спречени да дојдат бидејќи се ангажирани на другите предмети во Кривичниот суд.

За случајот „Тенк“, поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото за набавка на „мерцедесот“ од 600 илјади евра е осуден на две години затвор во првостепената постапка во Кривичниот суд, а поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор.

РСЕ