Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Груевски: Прифаќам и доживотен затвор само да ги остават на мир насилниците од „крвавиот четврток“

Сподели:

-“ВМРО-ДПМНЕ беше казнета од своите гласачи бидејќи во изминатиот период партијата се оддалечи од традиционалните политики и се обиде да им се допадне на „некои други“, рече лидерот на опозициската партија, Никола Груевски во вечерашното интервју на телевизијата „Алфа“.

– ВМРО-ДПМНЕ беше казнето од страна на традиционалните гласачи кои испратија порака до раководството. Имавме традиционална политика во изминатите 15 години, а овој период се обидовме да им се допаднеме на некои други, што не им се допадна на традиционалните гласачи. Ние тоа го направивме нагло и недоволно вешто – рече Груевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, за тешкиот пораз на партијата во првиот круг на локалните избори ја обвини власта за „поткуп, уцени и заплашување“ на членството на партијата и кандидатите за градоначалници.

Во интерјвуто Груевски рече дека изборите биле „нелигитимни и недемократски“. Тој  го обвини СДСМ дека вложил „20 милиони евра црни пари“ за поткуп, а цената за гласачите изнесувала од 1.500 денари до 100 евра.

Во однос на изборните нерегуларности, Груевски рече дека печатницата која била избрана да го печати изборниот материјал била во сопственост на активист на СДСМ и која го печатела материјалот на Шарената револуција.

– Имавме недостиг на материјал, а ДИК не реагираше. Беа испечатени паралелни гласачки ливчиња за потребите на ДИК и на СДСМ. Мнозинството членови на ДИК се наклонети на СДСМ. ОБСЕ/ОДИХР ги викавме двапати за нерегуларностите и од нивно лице се гледаше дека не се дојдени да слушнат и да спречат –  изјави Груевски.

Прашан за идните активности на партијата и за неговата оставка рече дека ќе се фокусираат на вториот круг на локалните избори и по завршување на изборите ќе се прават длабински анализи и ќе се донесе одлука која е најдобра за партијата и за државата.

– Ако сакаат да се пресметуваат со ВМРО-ДПМНЕ и со мене тука сум, нека ме уапсат и нека ме осудат на доживотен затвор. На на што личи ова што се случува во државата? Нема да го скршат душот на Македонецот без разлика дали Груевски ќе биде лидер или не – рече Груевски.

Тој истакна дека, според информациите што ги има, целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, односно над 100 луѓе биле прислушувани во изминатиот период.

– Во УБК е отворено досие под името „Македонски екстремизам и тероризам“, какви што се воделе во комунизмот и во 1990-те против ВМРО-ДПМНЕ, како случаите „Темел“ и „Сина птица“, така и сега против ВМРО-ДПМНЕ се водат такви истраги за да се урниса партијата – рече Груевски.

Сподели: