Вести Македонија Ударни вести

Груевски од судот бара да не го малтретираат со секојдневни судења

Сподели:

-“Понеделник, вторник, среда… секој ден сум на судење. На Зоран Заев судот му закажува на два месеци, мене секој ден. Ова веќе не е судење. Ова е фарса. Ова е малтретирање – се побуни обвинетиот експремиер Никола Груевски кај судијата Огнен Ставрев во Основниот суд Скопје 1, кој го премести денешното рочиште за предметот на СЈО „ТНТ“ за една недела.

Груевски праша зошто иако минатиот пат му било ветено дека ќе ги добие снимките тоа не се случило.

– А, што ако има во нив приватни разговори – праша Груевски.

Ставрев рече дека не знае што има во тие докази и не смее да знае и кога ќе се слушаат во судница, јавноста може да биде исклучена.

Адвокатите на Никола Груевски, Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски и уште 4 службеници од општината, и на денешното продолжение на судењето за уривањето на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски, упорно ги бараат прислушуваните разговори и се заканија дека ако СЈО не им ги даде бомбите, ќе се жалат во Европскиот суд во Стразбур.

– Ние овде уште не сме почнале, па за Стразбур да зборите – рече судијата Ставрев.

Ставрев го одложи судењето за 15 февруари и ги упати адвокатите дека во секој момент можеле да ги слушаат снимките и во Основниот суд Скопје 1, откако тоа не го направиле во СЈО за време на истрагата.

Сподели: