ХАН: Иванов итно да ја преиспита својата одлука – демократските процеси да течат по својот пат во интерес на граѓаните на земјата

Сподели

“По денешните средби со политичките лидери очекуваме во наредните неколку дена да видиме сериозно и одговорно државништво од страна на релевантните институции кои треба да овозможат брзо формирање на нова и цврста коалиција, бидејќи тоа е единствениот пат за враќање на земјата на патот кон Европската Унија, што граѓаните на земјата го сакаат и заслужуваат.” Ова стои во заклучокот на заедничката изјава на еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан и европратениците, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн.

Тие денеска не остварија средба со претседателот Иванов, но упатија јасна порака:

– Го охрабруваме претседателот итно да ја преиспита својата одлука. Нема време за губење. Очекуваме сите политички лидери и институции да дозволат демократските процеси да течат по својот пат,во интерес на граѓаните на земјата. Одложувањата изминатите месеци веќе предизвикаа штети врз економијата на земјата. Затоа повикуваме на брзо формирање на новата влада која ќе биде посветена на имплементирање на заостанатите реформи. Од партиите и од новата влада се очекува да продолжи со имплементирање на сите делови од Договорот од Пржино – стои во изјавата.

Хан и европратениците, особено повикуваат на воздржаност од било какви акции и изјави кои можат да поттикнат меѓуетнички тензии или да ги поткопаат добрите меѓусоседски односи. Тие нагласуваат дека негативната реторика против меѓународната заедница и невладините организации е контрапродуктивна и го поткопува меѓународниот углед на земјата.

– Никој не треба да биде во искушение да си игра со оган. Длабоко сме загрижени поради тензиите и говорот на омраза. Слободата на собир и слободата на говор се фундаментални права во демократските општества, но тие носат и одговорности. Негативната реторика насочена кон меѓународната заедница и граѓанските организации е целосно контрапродуктивна. Таа го поткопува меѓународниот углед на земјата и кредибилитетот на тие што ја користат – порачаа еврокомесарот и тројцата европратеници.