Македонското трио „Анимато“ вечер од 20 часот ќе настапи во галеријата „Артгет“ при Културниот центар на Белград со концертот „Музичко патување“. За триото, составено од пијанистката Светлана Димитриевска и флејтистките Даниела Неделковска и Симона Марочковска Манојловска, ова е прво гостување пред белградската публика.
На програмата се дела од Шостакович, Фурштенау, Доницети, Пјацола, Елгар и македонскиот композитор Давор Јордановски. Концертот го организира Македонскиот културно-информативен центар во Белград, со поддршка од Министерството за култура и туризам.


