Вести Македонија

Ховит: Меѓународната заедница нема да поддржи одложување на изборите

14551019_1208322569239600_1592864094_o-860x680

Извештајот на Европската Унија за напредокот на Македонија во евроинтеграциите ќе биде објавен кон крајот на месецот, изјави денеска во Скопје европратеникот Ричард Ховит, кој воедно се збогува со Македонија и со функцијата известувач за земјава.

– Ја научивме лекцијата од минатата година, кога објавувањето на извештаите беше одложено поради Турција. Годинава ќе биде објавен навреме, кон крајот на месецот. Извештајот ќе биде сензитивен поради претстојните избори, но нема да биде ништо поинаков од претходните. Европската Унија не сака да наведе нешто што би можело да се сфати како предрасуда пред изборите – рече Ховит.

Во врска со изборите и со одредениот датум, 11 декември, Ховит истакна дека политичките партии се тие што го одредуваат датумот, а граѓаните ја носат одлуката.

– Тоа треба да биде вистински избор, транспарентен. Има многу проблеми во Македонија, но изборот е на граѓаните. Тие треба да одлучат. Сепак, постои можност за промени, но тие зависат од нивните одлуки – рече Ховит.

Датумот на изборите, според него, не треба да биде издвоен од квалитетот на изборите, односно тие треба да одат во пакет. Тој рече дека ЕУ, ОБСЕ и претставници од меѓународната заедница ќе ги следат изборите.

На прашањето за можното повторно одложување на изборите, Ховит рече дека договорот треба да се почитува.

– Европската Унија и меѓународната заедница нема да го поддржат одложувањето на изборите. Треба да се почитува тоа што е договорено – рече Ховит.

Во однос на можните последици од одложувањето на изборите, тој истакна дека тие веќе се присутни и се чувствуваат.

– Последиците од ЕУ веќе постојат, ние не сакаме да се закануваме, но средствата од претпристапните фондови се повлечени, безусловната порака веќе е условена, а таква најверојатно ќе биде и оваа. Очекувам изборите да бидат на 11 декември и да бидат вистински одраз на волјата на народот – рече Ховит.

Тој истакна дека за време на својата посета имал средби со политичари, претставници од граѓанските организации и со специјалната обвинителка, Катица Јанева. Тој ја повтори поддршката на ЕУ за СЈО и за тимот на Јанева и порача дека не треба да се врши притисок врз нејзиното работење.

– Разочаран сум што законот за заштита на сведоци не е донесен и очекувам наскоро да се донесе – рече Ховит.

За реакциите на пратениците на собраниската Комисија за политички систем и односи со заедниците, Ховит рече дека тие имаат право да прашуваат, но одговорност е на владата и на партиите да ја овозможат работата на СЈО и да не дозволат пратениците да ја поткопуваат оваа институција.

Европратеникот се осврна и на тоа што Уставниот суд сè уште ја нема донесено одлуката за уставноста на СЈО. Тој рече дека од партиите добил уверување дека во случај судот да го прогласи СЈО за неуставно, тие во Собранието ќе ги направат неопходните измени.

meta.mk

Сподели: