РСЕ: Колку пари дава ВМРО ДПМНЕ за рекламирање во САД?

Сподели

24f9f240-32cf-4da6-a83f-cf41b28cebb7_cx4_cy0_cw89_w987_r1_s_r1

Груевски денеска заминува во САД. Според договорот со американската компанија Дашл груп, партијата ВМРО-ДПМНЕ од ноември лани им плаќа по 49. 500 долари месечно за промоција на партијата во САД. Нема информации дали договорот се уште е на сила.

Активностите на Дашл груп може да вклучуваат комуникации во корист на ВМРО-ДПМНЕ со официјални лица во американските извршни органи и членови или вработени во американскиот Конгрес и со други личности или организации вклучени во владини или јавни политики. Ова е дел од договорот на ВМРО-ДПМНЕ склучен со американската консултантска компанија Дашл груп во ноември 2015 година на неодредено време.

Според документите објавени на Американската државна агенција за регистрација за странски соработници во Министерство за правда, за сума од 49.500 американски долари месечно Дашл груп и обезбедува на партијата стратегиско консултирање во врска со политичките и јавни прашања пред владата на Соединетите Американски Држави, застапувајќи ги интересите на партијата.

Договорот со Дашл не се знае дали се уште важи. Но ако е во сила, тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ само на Дашл груп досега им исплатиле околу 500.000 американски долари.

Од партијата ни потврдија дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска заминува во куса посета на Соединетите Американски Држави, но не прецизираат со кого точно ќе се сретне таму. Со конгресмени и други личности, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека се уште ја немале точната агенда на Груевски.

Во меѓувреме некои медиуми објавија информации дека претседателот на партијата се обидувал да се сретне со демократскиот претседателски кандидат Хилари Клинтон, но дека до тоа немало да дојде.

Досега ВМРО-ДПМНЕ не негираше ниту еден договор со американските компании, а за изворите на финансирањето на партијата упатуваа на завршната пресметка која што е објавена на партиската интернет страница. Таму е објавен документ од 2014 година, според кој партијата имала приходи од речиси 238 милиони денари, односно 3,9 милиони евра, а расходите биле околу 222 милиони денари, односно 3,6 милиони евра.

Интересно е што основач на Дашл груп е Томас Дашл, поранешен сенатор од Демократската партија кој бил во американската политика од 1978 година, а во 1994 година бил избран и за лидер на демократите во Сенатот. Тој заедно со неговиот син Нејтан Дашл, кој ја раководи сега компанијата, се потписници на еден од трите документи за договорот со ВМРО-ДПМНЕ објавени на американското регистрационо биро.

Текстот во целост прочитајте го тука

Фросина Димеска

slobodnaevropa.mk