Основниот кривичен суд – Скопје, информира дека во случајот ,,Тотал” за кој беше обвинет новинарот Драган Павловиќ-Латас, се одбива обвинението, бидејќи обвинителот целосно се откажал од обвинението во завршниот збор поради застареност и недостиг на докази за кривично дело.
Предметот „Тотал“ беше отворен од поранешното Специјално јавно обвинителство за даночно затајување против Латас и три правни лица.
Основниот кривичен суд Скопје информира оти е донесена пресуда со која во целост се одбива обвинението:
“Во конкретната постапка, која во овој суд се води од октомври 2017 – та година, обвинети се Д.П. – Л. како физичко лице, и три правни лица од Скопје, за кривичното дело Даночно затајување. Предметот неколку пати почнуваше од почеток заради промена на надлежноста на јавниот обвинител и преземање на предметот од едно во друго обвинителство, за на последното рочиште, надлежниот Јавен обвинител, во завршен збор да се откаже од понатамошно гонење на обвинетите. Имено, обвинителот, имајќи ги предвид наводите во вештиот наод и мислење најпрвин направил измени во обвинителниот акт, по што утврдил дека за две од обвинети правни лица во постапката, не се исполнети елементите кои го чинат законскиот опис на пријавеното кривично дело – Даночно затајување, додека за едно правно лице и обвинетиот Д.П. – Л. во меѓувреме настанала апсолутна застареност на кривичното гонење. Заради сето тоа, судот постапил согласно Законските одредби и ја донел наведената пресуда.
Пресудата од 25.06.2026 година е правосилна и веќе се изготвени решенија за трошоци на странките, а штом истата ќе биде анонимизирана истата ќе биде објавена на веб страната на судот”.


