ИНТЕРВЈУ со Д-р Бундовски, најмладиот доктор на првата трансплантација на срце

Сподели

 

Македонската медицина минатата година оствари врвен кардиохируршки подвиг: на државната Клиника за кардиохирургија, под раководство на Проф. Д-р Сашко Јовев, беше успешно извршено првото пресадување на човечко срце. Тој успех годинава беше надграден со уште пет такви трансплантации, со што нашата држава се вреди во земјите каде што се изведуваат најтешките и најсложени операции на срцето. Сите овие операции беа извршени во околности на вонредни епидемиолошки мерки, кога сите клиники во државата беа претворени во Ковид центри, а медицинскиот персонал мобилизиран во лекувањето на заразените пациенти.

Исто така треба да се има во предвид дека во споредба со повеќето приватни и репрезентативни клиники, државната Кардиохирургија се уште работи во скромни просторни услови, далеку под потребните светски стандарди. Но и покрај тоа, нејзиниот храбар хируршки тим постигнува исклучително високи резултати со какви што не можат да се пофалат и многу пореномирани клиники во регионот.

За Д-р Кристијан Бундовски, најмладиот учесник во хируршката екипа која ја изврши првата трансплантација, самото присуство на тој историски оперативен зафат, покрај повеќемината врвни македонски кардиолози и експерти, претставуваше голема привилегија и чест што доживотно се памети.

 

 

                          Д-р Кристијан Бундовски

 

 

“23 мај 2020 година  „Доцна во ноќта додека градот спиеше во 02:43 часот зачука срце. Во Република Македонија, на Универзитетската Клиника за Државна Кардиохирургија се направи ПРВА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА на СРЦЕ! Вредните раце и паметните глави на нашите врвни стручњаци на чело со Проф. Др. Сашко Јовев, во оваа вонредна состојба направија чудо, испишаа историја! Во услови на пандемија, во услови на страв, во услови на безнадежност – победи хуманоста и љубовта. Победи цената за сите оние непреспиени ноќи над книга, победи секоја солза и тага за загубен живот, победи вистинска посветеност, да се биде! Хируршкиот тим со извонредна професионалност, прецизност и внимание го изведе ова ремек дело, a кога би ги претвориле сите оние милиметарски потези во ноти, во операционата сала број 2, оваа ноќ свиреше симфонијата “Живот”! ќе напише Кристијан Бундовски.

 

 

ДЕНЕС: Како специјализант по васкуларна хирургија, кои според тебе се новите предизвици на современата кардиоваскуларна хирургија и во кои правци таа ќе се развива во иднина?

Кристијан Бундовски: Кардиоваскуларните заболувања се најчести заболувања во светски рамки. И како изолирани, но и како причина за секундарни заболувања, навремената превенција, третман и редовна контрола, го подобруваат квалитетот на живот а воедно и животниот век. Дигитализацијата и развојот на нови современи уреди за дијагностика и лекување се иднина на алатките кои на сите лекари им ја олеснуваат секојдневната работа, па така и во нашата работа. Потребно е инвестиција во уреди за што помалку инвазивна хирургија, кои гледајќи ја глобалната слика не само што овозможуваат подобар третман, помалку ризици и компликации, и пократок болнички престој за пациентите, туку и економски ги редуцираат трошоците и потребите. Иднината на кардиоваскуларната хирургија е т.н. Хибридна сала за ендоваскуларна хирургија, која овозможува минимално инвазивни процедури, а воедно и класична хирургија онаму каде што е потребно. Мултидисциплинарен пристап, со една цел – подобар третман за секој пациент.

 

 

ДЕНЕС: Како тим веќе направивте неколку трансплантации на срце. Дали има навестување дека наскоро ќе се создадат подобри услови за работа на Кардиохирургија?

Кристијан Бундовски: ЈЗУ Универзитетска Клиника за Државна Кардиохирургија е Клиника која неколку години рутински ги третира кардиоваскуларните заболувања, а трансплантацијата на срце беше само обединување на целиот тим кој решително и спремно прифати со сета своја амбиција и желба за прв пат во историјата на нашата земја да го изврши овој зафат. Тоа само беше доказ дека државното здравство има и те како со што да се пофали, бидејки пред се нашата работа е во служба на граѓаните, и треба да направиме се што е во наша моќ. Од аспект на типови на оперативни зафати Државната Кардиохирургија е во континуиран чекор со најновите трендови, но сепак мислам дека потребно е дополнително вложување и инвестирање на нашата Клиника, бидејки покажавме дека навистина можеме и знаеме, тимски, сплотени и успешни.

 

 

ДЕНЕС: Дали твојата професија те прави поблагороден и имаш ли време за дооедукација во твојата професија?

Кристијан Бундовски: Секоја професија си носи свое задоволство. Мојата професија е нешто за кое никогаш не би се откажал, и секогаш би ја одбрал доколку повторно се запрашам. Нема нешто повредно на светот од човечкиот живот. Едноставно кога сте таму не сте дури ни свесни какво е тоа чувство. Само вистинска љубов и посветеност може навистина да ве исполни со такво задоволство. А за да задоволството биде се поголемо, тежи едукацијата која бара континуирано осознавање на сè повеќе работи и новини. Со искрена желба се постигнува сè, па така и во нашата професија.

 

 

ДЕНЕС: Која е пораката до идните млади доктори кои безусловно сакаат да го остварат својот сон тука во нашата држава?

Кристијан Бундовски: Навистина е тешко да се бориш пред сè во систем и услови кои се далеку поразлични од развиените земји. Но, задоволството да постигнеш нешто за коешто никој не се надевал и очекувал, особено каде интерперсоналните односи, кои за жал се секојдневие во секоја сфера на нашето живеење, се одлучувачки фактор за нечиј успех, тогаш навистина вреди да се бориме сите ние со амбиција за колективен развој. Да се обединиме и да направиме овој наш здравствен систем, една институција која ќе нижи многу повеќе насмевки, задоволство, радост и добро здравје. Редно време е навистина да се потрудиме и за сите нас направиме нешто што ќе биде поттик за сите останати институции и идни генерации, а тоа е основа која не засега сите нас, бидејќи независно од професијата, ние пред сè сме сите луѓе.

Денес магазин, Соња Ајановска Деловска