Истанбул: Состанок на министрите за надворешни работи на BSEC

Сподели

Турција би сакала да види промени во рамките на Организацијата за соработката на Црноморскиот регион (BSEС) со цел таа да стане поефикасна, изјави турскиот вицепремиер Тугрул Туркеш на посебниот состанок на министрите за надворешни работи на BSEС, кој се одржува денес во Истанбул, јавува AnadoluAgency (AA).

“Турција ги поддржува реформите на BSEС. На пример, периодот на претседавањето треба да се продолжи од шест месеци на една година. Тоа би било многу корисно за земјата претседавач, а нивото на присуство на состаноците би растело”, рече Туркеш.

Турција моментно претседава со BSEC, а Anadolu Agency (АА) е фото провајдерот на настанот во Истанбул.

Споменувајќи дека Истанбул е домаќин на самитот по повод одбележувањето на 25-годишнината од BSEC оваа недела, Туркеш рече дека темелите на оваа организација се положени во еден многу турбулентен период за меѓународната политика.

Тој напомена дека на Организацијата за соработката на Црноморскиот регион (BSEС) во регионот се гледа како на меѓународна организација.

“Она што е уште поважно е дека BSEC мина долг пат во придонесувањето кон мирот, демократијата и стабилноста”, додаде заменикот на турскиот премиер.

Наведувајќи ги најновите технолошки достигнувања, Tуркеш нагласи дека BSEC мора да се прилагоди на промените во околината и дека неговата 25-годишнина претставува можност работата на оваа група да се иновира.

Споменувајќи ги целите на ОН за одржлив развој, Tуркеш рече дека одржливиот развој е признаен како една од главните теми на BSEC за време на турското претседавање. Меѓу другите теми се надворешната трговија, развојот на малите и средни претпријатија, земјоделството, банкарството, енергетиката, образованието и туризмот.

“Додека ја подготвуваме декларацијата на овој самит, која ќе биде одобрена утре, ставаме посебен акцент на одржливиот развој, а тоа ќе се постигне со учество на сите заинтересирани страни”, рече Туркеш.

Амбасадорот Михаил Христидис, генералниот секретар на BSEC, изјави дека со оваа Декларација се пренесува силна и гласна порака дека BSEC е присутен, дека се прилагодува на променливите околности и дека реагира позитивно и на време на новите предизвици.

“Подготвен е да води на патот на претворање на нашиот геостратешки регион во зона на соработка, стабилност и напредок”, додаде Христидис.

Организацијата за соработка во Црноморскиот регион (BSEC) ја сочинуваат: Турција, Албанија, Ерменија, Азербејџан, Бугарија, Грузија, Грција, Молдавија, Романија, Русија, Србија и Украина.

Турција претседава со BSEC до јуни.