Колумна Текстови

Историја и визија – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:

 

Нашата сурова стварност, нашиот див капитализам, незаситната алчност кон пари и имотност како modus vivendi на нашата новосоздадена буржоазија, ја компромитира и ја згадува секоја, дури и најневината, помисла да замислиме некаква повисока, благородна човекова животна цел.

Александар Литовски

Пред наши очи нихилистички се уништува сета човечност. Мнозинството луѓе се привидно живи и повеќе наликуваат на восочни фигури без крв и месо, без достоинство, но со стаклени очи преку кои несреќно, беземоционално и безидејно го набљудуваат светот околу себе и работат до истоштеност за да ги обезбедат профите на олигарсите. Токму промената на ваквата ситуација е главната задача на левицата насекаде, а особено на нашата, доколку сака, секако, да се самоперцепира и да ја перцепираат како левица.

Левицата кај нас веќе триесет години е во политичко-организационен хаос и идејна дефанзива. Без минато и без иднина. На моменти, се чини, таа е киднапирана од луѓе кои ниту слушнале за „libertéégalitéfraternité и за социјализам, ниту сакаат да дознаат нешто од левичарската идеологија. Голем дел од самопрогласените левичари се само мизерни меркантилни типови за кои партискиот ангажман е само начин да се заграби од некогашниот општествен имот и да се краде од државните ресурси. Тие најповеќе ја девалвираат и компромитираат левичарската идеја и левичарската борба.

Тие наши самопрогласени салонски левичари, заседнати во разни државни фотелји, тие наши „леви“ снобови кои вечно гравитираат кон политичката и финансиската моќ, но никогаш директно не учествуваат во политичката битка, не разбраа дека може нештата околу себе да ги гледаат од високо, од генералска позиција, од птичја перспектива, но дека тоа не само што е безобразно, недолично, непристојно, јалово, губитничко…, туку е и погрешно, оти како што е познато мозокот на птиците е многу слабо развиен и, следствено на овој факт, води до слаби и неиздржани заклучоци.

Задачата на нашата „нова“ левица треба да биде промоција на супериорноста на левичарските развојни визии. На оние визии кои се втемелени врз современи научни, филозофски, уметнички и други цивилизациски достигнувања кои придонесуваат за ослободување на човекот од сиромаштијата, подреденоста, нееднаквоста и незнаењето. Задача треба да биде ​​афирмирање и реализација на реални начини за надминување на старите и новите поделби меѓу нашите луѓе врз национална, социјална, финансиска и културна основа, задача треба да биде ослободување од туторството на буржоаските империјалистички бандити, задача треба да биде создавање услови за триумф на хуманизмот врз примитивизмот, фашизмот, криминалот, незнаењето и уништувањето на животната средина. Задача на нашата левица треба да биде ​​демистификацијата на лагите и фалсификатите на историските и научните вистини, односно на лагите и фалсификатите што го овозможуваат обновувањето на злосторствата и најсуровите облици на десничарскиот профашистички систем на владеење. Задача на левицата треба да биде собирање и политичкото организирање на сите чесни, трудољубиви, слободољубиви и правдољубиви наши сограѓани, а особено на умните и образовани поединци, кои не го прифаќаат системот кој произведува сурова експлоатација, неправда, лаги и манипулации, односно сите оние кои го делат верувањето дека еднаквоста, вистината, правдата и слободата се остварливи и достижни во стварноста.

Нашата левицата треба силно да застане на браникот на одбраната на идентитетот и државноста. На македонизмот. Тоа било и треба да биде задача на левицата, без разлика што некои недоветни и полуписмени „идеолози“ на неолиберализмот се обидуваат тоа да го претстават како ретрограден национализам и да ѝ ги одземат тие иманентни идеолошки функции на македонската левица. Значи, левицата треба да обезбеди јакнење на националниот идентитет и државотворноста изразена преку силни  институции и високо ниво на културно и образовно ниво на македонското население. Во овој контекст, левицата мора непоколебливо застане на вистинитиот став дека без 11 октомври 1941 и 2 август 1944, ќе ја немаше ниту 1991 година, ниту денешната македонска држава, ниту Македонците. Затоа, во својата идеолошка и практична работа треба да обезбеди историски континуитет на нашата државност со асномска Македонија. И не треба, во ниту еден случај, заради ефемерни и привремени прагматични политички причини да тргува со овие фундаментални историски државотворни и национално-идентитетски постулати.

Значи, доколку сака да биде долговечна и успешна, крајно време е нашата левица цврсто да застане на своите историски темели и да изгради плодоносна визија за народот и државата. Кратко кажано, неа ѝ треба – историја и визија!

Сподели: